Во Концертната куќа во Стокхолм денеска попладне ќе бидат врачени годинашните Нобелови награди, но добитниците нема да добијат парична награда во истиот износ како претходно.
Оваа година износот е намален за 20 проценти со цел да се постигне баланс во однос на лошата економија на Нобеловата фондација. Одлуката да се намали паричниот дел на наградата не била воопшто лесно донесена, јави дописникот на МИА.
– Се разбира дека станува збор за тешка одлука, изјави Ларс Хеикенстен, генерален директор на Нобеловата фондација, нагласувајќи дека трошоците на Фондацијата ги надминуваат приходите веќе подолг период.
Хеикенстен реагираше уште во текот на изминатото лето и најави намалување на паричниот дел од 10 на осум милиони шведски круни (околу милион евра). Таа вест доби публицитет во повеќе од 40 земји, но, според Хеикенстен, угледот на Нобеловата награда сепак не е нарушен, барем засега.
– Паричниот износ не може да продолжи се намалува и понатаму во поголем обем од година во година, нагласува Ларс Хеикенстен за Шведското радио.