Индустриското производство во јануари годинава во однос на јануари лани бележи пад од 2,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јануари 2017 година, во однос на јануари 2016 година, бележи опаѓање од 7,2 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 3,6 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 10,6 отсто.
Од Државниот завод за статистика напоменуваат дека намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на прехранбени производи, на пијалаци, на
тутунски производи, на текстил, на облека, од гума и производи од пластични маси, други неметални минерали и на фабрикувани метални производи, освен машини и уреди.
Според главните индустриски групи, производството во јануари 2017 година, во однос на јануари 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 6,1 отсто, Капитални производи за 7,4 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 20,9 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,8 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,3 отсто.