Влошена е состојбата со основните слободи на изразување и собири ширум светот, се наведува во најновиот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2016 година.
Во извештајот се предупредува и на влошување на условите за работа на опозициските групи и активисти за човекови права.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ја прекина праксата и одби лично да го објави извештајот или јавно да зборува за истиот.
Активистите и групите за заштита на човековите права го критикуваа таквото однесување на Тилерсон.
– Корупција, употреба на тортура и дискриминација против малцинствата се зголемени во некои делови од светот, се посочува во извештајот.
Исто така е изразена загриженост поради сексуално злоставување на жените, потоа растечкото ограничување на медиумите и интернет слободата, но и сузбивање на политичките опозициски групи и неможноста народите сами да избираат свои влади.
Тилерсон, во писмото за извештајот испратено до Конгресот, не спомнува конкретни случаи на загриженоста поради човековите права, но наведе дека промовирањето на правата и демократијата претставуват „суштински елемент на американската надворешна политика“.
Иако во извештајот не се споредуваат и рангираат државите, сепак најголема загриженост предизвикуваат Филипини, Турција, Кина и Венецуела.
Во Филипини забележан е голем пораст на убиствата на дилерите на дрога од страна на полицијата, но и од други непознати лица кои не се припадници на силите на редот.
– Во Турција, Владата уапсила десетици илјади луѓе обвинети дека го поддржале неуспешниот воен удар минатата година, често без докази. Загрижувачки е и големиот број на уапсени новинари, се наведува во извештајот.
Во делот за Кина се истакнува дека во земјата и понатаму е присутна репресијата на лицата кои се занимаваат со заштита на цивилните и политичките права. И понатаму има десетици илјади политички затвореници и покрај негирањето на кинеските власти.
Во случајот на Венецуела извештајот предупредува на „систематска и политизирана употреба на судството“ со кое се застрашуваат и гонат критичарите на власта.