Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) под покровителство на Град Скопје и во соработка со UN Women, од 4-ти до 9 март ќе го организира осмото издание на Вечери на женски права. Манифестацијата ќе опфати работилници, проекции на филмови и дебати кои ќе се одржуваат, главно, во Младинскиот културен центар.
Манифестацијата ќе почне викендов со претпрограма, во која во сабота и во недела од 10.30 до 15 часот во МКЦ ќе има неколку работилници – за јога, за фотографија (за млади од 8 до 18 години), стрип-работилница, јога за смеење, страв од породување, работилница за сценарио (за деца од 8 до 12 години). Пријавувањето за посета на работилниците е на веб-страницата www.womensrightsnights.net, на која е објавена и целата годинашна програма.
Вечерите на женски права официјално ќе бидат отворени в понеделник, 6 март, во 20 часот во кино „Фросина“ во МКЦ, со проекција на документарниот филм „Сибирска љубов“ во режија на Олга Делане од Русија, која ќе гостува на манифестацијата. Покрај неа, гостинка на Вечерите ќе биде и хрватската режисерка Андрејка В. Скрачиќ, чиј филм – „Срцето на жената“ ќе биде прикажан на 8 март.
Програмата опфаќа уште два документарни филма, чија цел е да поттикнат критичко размислување за улогата на жените – „Ада за градоначалничка“ во режија на Пау Фаус од Шпанија (7 март) и „Мировна агенција“ копродукција на САД и Индонезија на режисерката Сју Усеем (9 март). По проекцијата на овој филм, во кино „Фросина“ ќе има дебата „Улогата на жените во обединување при криза“, со која ќе бидат затворени годинашните, осми Вечери на женски права.
Со поддршка на Шпанската амбасада, на 7 март во МКЦ ќе има предавање „Бизнис-кафе – женски стратегии при справување со криза“, на кое ќе говорат Маријана Перковска – сопственичка на компанијата „Санда“, Рената Наумовска од филмското студио за визуелни ефекти Fx3x и Александра Дилевска од „Публицис“, а на последниот ден од манифестацијата (9 март) работилница ќе организира Македонската асоцијација за трансакциона анализа, на тема „Доврши ја реченицата: ’Би бил/а богаТ.А. само доколку сум…’“.
Покрај креативните работилници, тематските дискусии и филмовите кои ја прикажуваат улогата на жената во општеството и нејзините права, на 7 март во Музеј на Град Скопје ќе биде организирана и 4. Меѓународна ликовна изложба, насловена „Нераскажаните приказни на суперхероини“, на која ќе учествуваат десет авторки – шест од Македонија, две од Србија и по една од Црна Гора и од Косово.
На самиот Ден на жената, 8 Март, Македонија ќе се приклучи кон глобалната кампања „Економското јакнење на жените во менливиот свет на работата“ преку јавни настани и перформанси кои ќе се одржат на плоштадите „Македонија“ и „Карпошово востание“ и во паркот „Жена-борец“, изложба на ракотворби во „Даре Џамбаз“ и други настани што ќе ги реализираат повеќе невладини организации и активист(к)и за женски права.
Вечерите на женски права во Македонија се организираат од 2010 година. Организаторите очекуваат голема посетеност на настаните, како и во изминатите изданија на манифестацијата која подеднакво ја посетувале и жените и мажите. Според нив, овој настан нуди алтернатива во прославувањето на Меѓународниот ден на жената 8 Март.
– Годинава, преку уметност, филм и музика, ќе се поттикнат мажите и жените да размислуваат критички за родовата (не)еднаквост и да оддадат почит на досегашните достигнувања, соопшти Центарот за истражување и креирање политики, кој годинава е организатор на манифестацијата.