Работодавачите и младите невработени лица до 29 години, евидентирани како активни баратели на работа во АВРМ од Куманово пројавуваат голем интерес за вклучување во програмата за практикантство, проект кој е поддржан од ЕУ преку ИПА фондовите, а се реализира преку АВРМ и МТСП, соопштија денеска надлежните од Центарот за врабтување Куманово. Досега за мерката се пријавиле 42 работодавачи и 73 невработени млади лица, соопшти Славица Тасевска Симоновиќ, регионален мониторинг соработник за проекти поддржани од ЕУ.
Таа нагласи дека огласот е активен и ќе трае се до исполнување на бројката која предвидува 1.000 невработени лица на ниво на Македонија да се вклучат во проектот.
– Овој проект претставува продолжување на вториот директен грант и опфаќа неколку мерки кои се наменети за млади лица до 29 годишна возраст, невработени и активни баратели регистрирани во АВРМ, со завршени минимум средно или високо образование, додаде Тасевска Симоновиќ. Искуството од претходните години, нагласи, покажува дека во Куманово после Скопје имало најголем број реализирани договори.
– Практикантството трае три месеци обука кај рабтодавачот. Обуката треба да биде поврзана со профилот на нивното образование и за време на оваа обука лицата ќе имаат месечен надомест од 6.261 денар, бруто сума која во себе вклучува покривање на персонален данок на доход и осигурување при несреќа и професионално заболување, објасни Тасевска-Симоновска.
Исклучиво приватни правни субјекти имаат право да учествуваат во оваа мерка со тоа што треба да имаат минимум две вработени лица. Исто така, право да учествуваат имаат и здруженија на граѓани, со тоа што треба да имаат вработено минимум едно лице.
– Во рамките на овој проект излезе уште еден оглас тоа е обуки за побарувани занимања, кој исто така таргетира невработени млади лица до 29 години со минимум завршено средно и високо образование, кои имаат право да учествуваат во обуки за занимања кои се дефицитарни на пазарот на труд, што е се во согласност со истражувањата и анкетите на пазарот на трудот. Младите лица ќе имаат можност да учествуваат во четиримесечна обуки кај верификувани спроведувачи на обуки според Центарот за образование за возрасни и Министерство за образование и наука, информираше Тасевска-Симоновиќ.
Младите лица за времетрање на обуките на месечно ниво ќе добиваат сума од 6.261 денари. Проектот опфаќа тримесечна теоретска настава и еден месец практична обука во реални услови кај спроведувачот на обуката. По завршувањето на оваа обука лицата кои ќе бидат вклучени ќе бидат тестирани за посгтинатите знаења и ќе им биде издаден сертификат.
На ниво на Македонија во овие обуки се планира да се вклучат 220 млади лица кои можат да одберат четири занимања, 100 лица ќе имаат можност да бидат вклуечни во обука за сметководител по 40 во обуки за масер, шминкер и неговател на стари и немоќни лица во домашни услови.
Како што најави Тасевска Симоновиќ се очекува да излезат и огласите за обуки за напредни ИТ вештини, претприемништво и вештини за барање на работа.