Европскиот комесар Јоханес Хан оценува дека политичката ситуација во Црна Гора е прилично деликатна со оглед на тоа дека опозицијата го бојкотира собранието.
– Бојкотот не е одржлива одлука. Верувам дека политичките лидери во Црна Гора ќе најдат компромис и дека со дијалог ќе постигнат договор да се врати опозицијата во собранието. Тоа е она што ние го очекуваме и тоа е она што го очекува народот од демократски избраните претставници, истакна Хан во интервјуто за „Еуроактив“.
Тој очекува сите црногорски органи да покажат одговорност и транспарентно да истражат што се случило на денот на изборите на 16 октомври минатата година.
– Очекуваме транспарентно да се истражи она што се случило на денот на изборите. Кога станува збор за укинување на имунитетот на пратениците, тоа не можам да го коментирам, тоа е нешто што се регулира со домашното законодавство. Внимателно ја следиме ситуацијата на терен и ги повикуваме сите страни на воздржаност, порача Хан.
Тој нагласи дека врските на Европската унија и Црна Гора се многу блиски и дека тоа го заклучил од состанокот на кој учествувал лично.