Властите на Гибралтар ја запленија „супер-јахтата“ на рускиот милијардер Андреј Мелниченко, на барање на германското бродоградилиште „Нобискруг“, затоа што купувачот се уште и должи на фирмата 15,3 милиони евра.
Според германските медиуми, јахтата на богатит Русин е една од најголемите во светот. Долга е 143 метри, има три јарболи, од кои највисокиот иенсува 100 метри. Опремена е со стаклено дно, за да може да се гледа морската длабочина и со најсовремена навигација.
Медиумите откриваат дека Мелниченко за неа платил 400 милиони евра.
Јахтата е регистрирана на Бермудите, но била укотвена во марината во Гибралтар, британска прекуморска територија на Пиринејскиот Полуостров, кога стигнал налогот од германската фирма.
Сега е ставена под стража за да не биде тајно извлечена.
Претставник на гибралтарските пристанишни власти изјави дека во вакви случаи, кога доаѓа до спор околу не до крај исплатени долгови, се врши запленување и таквите јахти, обично, се продаваат на аукција во рок од шест до осум недели.
Андреј Мелниченко е богат руски индустријалец кој има акции во компании за производството на вештачки ѓубрива и јаглен, како и во енергетиката.
Според американското списание „Форбс“ неговото богатство се проценува на 13,2 милијарди американски долари.