ЕУ: Спасувај што може да се спаси

Од:

Дојче веле – Бон

Германската канцеларка го менува курсот и се залага за „Европа со две брзини”. На многумина тој концепт не им се допаѓа, бидејќи тој во себе крие опасност од разидување на интересите на некои држави, што би можело да доведе до распад.

На последниот настап на германската канцеларка на самитот на Европската унија на Малта, мораше да се чека. Беше предвиден за петок во 18 часот, но нејзината изјава за новинарите постојано е одлагана; колку подолго се чекаше, се повеќе новинари ја напуштаа салата за навремено да ги довршат своите текстови и прилози. Така само мал број од нив во живо слушнаа што конечно кажа канцеларката околу 20 часот. „Историјата во последните години покажа дека ќе постои ЕУ со различни брзини, дека нема сите да учествуваат во исти степени на интеграција”. Оваа реченица во европските медиуми остана речиси незабележана.

Притоа тоа е прв пат германската канцеларка толку јасно да го присвои овој инаку стар концепт. Тие кои помислија дека тоа била само еднократна изјава, веќе следниот ден видоа дека се излажале. Во текот на состанокот со полската премиерка Беата Шидло, Меркел повторно ја потенцира Европа која има „две брзини”. А Пољакињата, чија земја всушност од секогаш била против тој концепт, не и противречеше. Така стана јасно: германската канцеларка се определи за тоа што според нејзино мислење, е прооден пат за Европа која ја потресуваат кризи. Таа ќе го следи со својата мирна одлучност. „Тоа треба сериозно да се сфати” – рече еден дипломат на ЕУ во Брисел во разговор со Дојче веле.

„Гледате какви се предизвиците”

На претстојниот самит во Рим, шефовите на државите и владите нема да слават само 60 години од постоењето на Европската економска заедница, туку и визијата за иднината на ЕУ по „Брегзит”. Европа со две брзини, како што се чини, ќе биде дел од таа визија. Иако во таа конструкција постои и многу послободен простор, бидејќи земјите, веќе според проценките ќе можат да се приклучат, или да не се приклучат на некој проект, а за тоа многумина не се чувствуваат добро.

Еден од тие е и летонскиот министер за надворешни работи. Во разговор за Дојче веле Едгар Ринкевичс рече: „Пред неколку години, тоа би го сметал за лоша идеја”, но овој искусен политичар додава: „Гледате какви се предизвиците”.

Факт е дека во Европа веќе со децении постојат различни брзини. Еврозоната, слободата на патувањата во рамки на Шенгенскиот договор, Протоколот за социјална политика од Мастрихт, сето тоа се делови од „деградираната интеграција”, во кои не можат да учествуваат сите земји на ЕУ. Некои констелации можат да се замислат во иднината: еврозоната, јадрото на Европа со германско-францускиот погон или кругот на основачките земји. Но не е ли токму тоа дел од проблемот? Зарем нема инересите на земјите се повеќе да се разидуваат токму затоа што нивната поврзаност е се послаба? „Еднаш ќе имаме состојба во која одлуките на еден вид на јадро на ЕУ повеќе нема да бидат во согласност со позициите на другите” – предупредува Ринкевичс.

Да се одржи проектот ЕУ

Прашањето е значи дали ЕУ со концептот на различни брзини ќе ја продаде својата душа? Во време на „Брегзит”, Трамп, криза со еврото и мигрантите, многу политичари на ЕУ уште ја следат само паролата: главно е фирмата да остане цела, па макар тоа значело и крај на обединета Европа.

Поради многуте кризи ЕУ го изгуби својот „стратешки фокус” – вели пратеничката на Европскиот парламент Тања Фајон. Оваа социјалдемократска политичарка од Словенија и се плаши дека во Европа со различни брзини таа мала земја на истокот на Унијата, ќе падне на последно место. Таа не би имала со што да се спротивстави на политиката на националните интереси на големите држави и сојузи во ЕУ: „Основната идеја беше да сме рамноправни партнери и да профитираме од заедничката политика”.

Некои земји како што е Унгарија сега, едноставно нема да соработуваат кога станува збор за чувствителните теми. Една од тие теми е и распределбата на бегалците во рамки на Европската унија. Што би вредела Европската унија ако солидарноста официјално се потисне во корист на Европа a la carte?

„Вакви состојби се уште немало” – вели летонскиот министер за надворешни работи Ринкевичс и додава дека е важно Европската унија да се одржи како проект. И дека тоа посебно важи за стопанството, но и за заедничката валута на Европа. Пред вратите е веќе следна криза во Грција, можеби дури и трговска војна со САД. Значи, за да не пропадне се, германската канцеларка се обидува да го спаси барем костурот на Европската унија. Можеби заедничкиот проект, еднаш во некоја иднина која нема да биде толку пријатна кон ЕУ, на неговите ребра да се појави нешто месо и мускули. Европа со „две брзини” е обид на Ангела Меркел, можеби и последен да се спаси Европската унија.

Би можело да ве интересира

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1

Борисов и Петков: Скопје да одлучи – внесување на Бугарите во Уставот или патот кон ЕУ ќе остане затворен

Главчев: Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ