Германската канцеларка Ангела Мерлел денеска потврди дека нејзината земја ќе продолжи со напорите за постигнување на целта на НАТО, секоја земја членка да одвојува по 2 отсто од националниот доход.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, за време на прес-конференцијата со канадскиот премиер Џастин Трудо, кој е во посета на Германија, Меркел изјави дека Германија ќе ги исполни своите обврски кон алијансата.
– Во 2014 година во Велс, Германија ја поддржа одлуката да се достигне целта од два отсто во наредната деценија и таа обврска не е променета, тоа значи дека ние се уште планираме да одиме по тој пат, изјави Меркел по средбата со Трудо.
За време на изборната кампања, но и по негвиот избор, претседателот на САД, Доналд Трамп ги обвини сојузниците во НАТО дека не го плаќаат својот дел од трошците за Алијансата, а во интервју за весникот „Билд“ Пактот го нарече „застарен“.
За разлика од Германија, која не ги одбива барањата на САД за покривање на поголеми трошоци на НАТО, Канада пред посетата на канадскиот премиер на Берлин најави дека е задоволна со 0,99 отсто колку што одвојува за операциите на војниците на Алијансата.
Во моментов Германија одвојува околу 1,2 проценти од својот национален доход за одбраната.
За разлика од различните позиции за НАТО, Меркел и Трудо имаат заеднички став за зголемувањето на меѓународната трговија во услови кога на светот му се закануваат трговски војни по најавите на Вашингтон за ревидирање на неколку мултилатерални трговски договори.
Според Трудо, кого германските весници пред посетата го најавија како најсексипилниот жив политичар, и Канада и Германија имаат полза од договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Отава.
Дајцата лидери разговарале и за конфликтот во источна Украина и за глобалните климатски промени.