Независне новине – Бања Лука
Во последно време на политички план што се однесува до Балканот дефинитивно е најинтересна состојбата во Романија. Имено, народот излезе на улиците протестирајќи против спорниот закон на Владата на Романија за декриминализација на некои службени прекршоци.
Романскиот народ успеа во својата намера и Владата на Романија го повлече спорниот закон. Меѓутоа, протестите продолжија и народот сега бара оставка на премиерот и комплетната Влада… И тоа не доведува до она што е најважно.
Навистина, народот треба да ја има власта во своите раце, треба со своето демократско делување и притисок да влијае на политичките процеси во својата земја. Меѓутоа и погрешно е да се мисли дека настаните во Романија имаат врска со демократската сила и високиот степен на општествената просветленост на романскиот народ.
Западот ги измисли шарените револуции и ги доведе до совршенство, но и Русија сега во тоа не е наивна и сигурно е дека зад овие протести стои прикриен судир за моќ и влијание на Балканот. Романија не е членка на Европската унија поради својата силна економија, владеење на правото, силниот систем или одличната политичка состојба.
Познато е дека Романија е земја со многу низок животен стандард, неразвиена економија (иако одреден напредок се гледа во последно време) и уште понеразвиена демократија во своето општество. Меѓутоа, Романија поради својата географска големина и добрата геостратешка положба, со економска и логистичка помош од Западот доби свое место под европското небо.
Бидејќи се менува состојбата во геополитичка смисла на глобалната сцена и тоа секако се одрази на Балканот. Од стапувањето на должност на претседателот на САД Доналд Трамп, во медиумите се почесто слушаме дека Доналд Трамп ќе се откаже од Балканот и ќе го препушти на Русија.
Тоа е чисто банализирање на состојбата. Да, вистина е дека интересот за Балканот се намали, но никој така лесно не ја препушта доминацијата и моќта на својот противник. Факт е исто така, дека влијанието на Русија е поприсутно на овие простори и тоа за некои народи е добро, бидејќи се воспоставува одредена рамнотежа и тоа го намалува стравот кај било која држава дека нејзиниот интегритет може да биде нарушен, па поради тоа меѓусебните вооружени судири на овие простори се исклучени.
Меѓутоа, САД својата позиција и моќ не сакаат да ја изгубат на овие простори и нема да се откажат така лесно. Старата администрација во своите последни „акции” дефинитивно го изгуби компасот и многу од нив пропаднаа. Со самото тоа, Русија не ја пропушти шансата и ги оствари своите интереси. Новата администрација на чело со Доналд Трамп сигурно ќе се обиде да го врати старото, или барем приближното влијание на овие простори.
Поради тоа имаме повторна актуелизација на судирот во Украина, растечка путинофобија и меѓу другото, политички тензии во Романија, а се со цел за тие кризи да се обвини Русија и да се дестабилизира и ослабе нејзината позиција.
Она што е важно за БиХ и земјите од регионот е тензиите и острата реторика да прекинат и да се покрене дијалог и соработка. Ситните проблеми и маалските теми и расправии треба да се занемарат и да се свртиме кон поважни работи. Една од нив секако е од големо значење, а тоа е силна разузнавачка служба и координации со цел за спречување на активностите на невладините организации кои ги финансираат одредени западни партнери, чија цел е дестабилизација на државата и ескалации на судирите.
Сега е многу важно единството на народот. Секој кој не ја критикува власта во својата држава со намера да ја направи подобра, кој идеализира и создава култ на личности од политичарите е без рбет, примитивец, крв и месо без став и мислење. Меѓутоа, секој кој го посакува романското сценарио и смета дека е тоа демократија, ништо не се разликува од тој првиот.
Со сите овие елементи, со одговорно и паметно водење на своите држави од страна на политичките лидери и моменталната состојба на глобално ниво, сметам дека романското сценарио ќе го заобиколи нашиот регион. Но, не треба да се биде сигурен дека тука е крајот на заканите за мирот и стабилноста, бидејќи моментално е еден многу турбулентен и чувствителен период и неблагодарно е да прогнозираме толку далеку кои се тие идни закани кои би можеле да ја загрозат моменталната состојба.