Со вечерна богослужба во чест на Свети Трифун и пригодна свеченост вечер ќе биде ставено во употреба новото внатрешно осветлување во црквата „Света Богородица – Перивлепта“ во Охрид.
Донаторот „ДАСС Инженеринг“ со проектот изврши замена на целата електрична инсталација на објектот, а со соодветно лед осветлување заменети се сите светилки што емитуваа топлина и на тој начин го оштетуваа фрескоживописот. Внатрешноста на црквата е целосно осветлена со вештачка „дневна“ светлина, сијаличните места се дискретно поставени да ги осветлуваат сите ѕидови и агли, а светлината да не им попречува на посетителите.
Црквата „Света Богородица – Петивлепта“ важи за е еден од најубавите и најзначајните верски објекти во Македонија. Минатата година заврши седумгодишниот зафат финансиран од Американската амбасада во Скопје за конзервација на фрескоживописот во црквата, како и на ѕидовите на објектот, кој се смета за врвно дело на византиската архитектура до 13 век.