Најмалку осум лица се убиени во текот на вооружените судири меѓу индиската армија и исламистички милитанти, во индискиот дел од потхималајската провинција Кашмир- соопшти командата на армијата во Њу Делхи.
Насилството избувнало кога индиските безбедносни сили навлегле во текот на ноќта, во едно село, во јужната област Кулгам, прогонувајќи ги милитантите.
Во пукониците, загинале двајца индиски војници, четворица од милитантите и едно цивилно лице. Уште еден цивил е убиен од индиските сили, откако војниците отвориле оган врз стотина насилни демонстранти, кои протестирале против операцијата на војската против милитантите.
Судирањата во Кулгам траеле околу десет часови.
Преставник на индската армија тврди дека милитантите со кои се судриле безбедносните сили им припаѓале на исламистичките групи Хизбул Муџахедин и на Лашкар е Таиба, кои во моментот на пресметката биле собрани на состанок , во една куќа во селото.
Во текот на 2016 година е забележано значително зголемување на насилството во поделената провинција Кашмир, по линијата за поделба и на двете страни, во нејзината близина.
Линијата на поделба, што е создадена по прекинот на огнот од 2003 година, практично е претворена во граница меѓу Индија и Пакистан во оваа провинција. Њу Делхи и Исламабад постојано меѓусебно се обвинуваат за тоа кој од нив го има прекршено примирјето.
Спорот меѓу овие две големи соседни држави и двете вооружени и со нуклеарно оружје, трае безмалку 70 години, откако Бртанците се повлекоа од Индискиот потконтинет и од кога беа создадени државите Индија и Пакистан.
Двете страни тврдат дека Кашмир, каде мнозинството од населението се муслимани, е нивна територија , која би требало целосно да биде под контролата на само едната од нив.