Поповска: Белгија не е модел за нас!

Од:

Ние во Република Македонија речиси две години водевме битка за создавање минимум пристојни услови за избори, за владеење на правото и за борба против криминалот и корупцијата. По изборите очигледно е дека на Македонија и треба паралелно решавање на кризата и на политички и на правен план.

Ако се присетиме за што зборувавме, за што се залагавме и за што се боревме како опозиција и ако сега ги согледаме проблемите и барањата за формирање влада, тогаш ќе заклучиме дека практично станува збор за две реалности. За формирање на влада сега се појави друг корпус на прашања што се од меѓуетничка природа и се главна пречка за нејзино создавање.

Тие прашања и услови се жежок костен кој се префрла од една во друга рака – вели, меѓу другото, претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска во дебатната емисија на ТВ 21.

„Немав очекувања дека со изборите Македонија ќе ги реши проблемите, туку дека со изборите ќе се дојде до првата фаза од процесот на нашата демократизација и решавање на политичката криза, се разбира, како придобивка од пржинскиот процес“ – вели Поповска и додава дека појавата на новиот втор пакет прашања врз етничка основа е голема грешка, зашто со тоа грубо се закочува процесот на демократизација на нашето општество, како и правната разрешница на одредени судски случаи. Нарушен е и процесот што започна со граѓанската кохезија, додава Поповска, процес кој, и покрај разликите, се појави како заедничка борба со заеднички убедувања, интереси и сфаќања за демократија, слобода и правда, без оглед на етничката или верска припадност.

„Меѓуетничките прашања реално постојат во едно мултикултурно општество, нагласува Поповска, но тие не може да се решаваат со брзи договори пред формирање на влада. Тие се решаваат откако ќе се формира влада и откако нормално ќе профункционираат и другите институции во земјава“.

Поповска во дебатата на ТВ 21 изрази и разочарување од изјавата на Али Ахмети во која тој спомнува дека е можно и две години да не се формира влада во Македонија , посочувајќи го примерот со Белгија која, исто така, подолго време беше без извршна власт.

Таа вели дека тоа за Македонија би било вистинска драма, многу поголема од онаа во Белгија каде што има стабилни институции и вековна државна традиција. „Посебно сакам да нагласам дека Белгија е федерација и воопшто не е соодветен пример за нас“, вели претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска.

Би можело да ве интересира

ДОМ: Се противиме на промени во урбанистичкото планирање на брза рака

ДОМ: Интеграција наместо сегрегација

Вонреден конгрес на ДОМ – до локалните избори партијата ќе има в.д. раководство

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси

ДОМ со условена поддршка за Владата

Катерина Ѓуровски