Швајцарските гласачи на денешниот референдум ги одобрија новите прописи за државјанство, со кои им се олеснува на имигрантите од трета генерација да станат државјани на таа земја.
Приврзаниците на новите мерки ги исполнија двата критериума потребни за победа – обезбедија мнозинство гласови од вкупниот број гласачи, и мнозинство гласови во 26 швајцарски кантони, јави швајцарскиот Јавен сервис РТС.
Во претходните 30 години, пропаднаа три обида за поедноставување на правилата.
Новиот предлог предвидува дека на имигрантите од трета генерација овозможено им е да избегнат одредени делови од сложените бирократските процедури.
Ова ќе има директно влијание на оние кои се родени во Швајцарија, чии родители, како и баби и дедовци имале постојан престој во земјата.
Би-Би-Си наведува дека според досегашните прописите ако некое лице е родено во Швајцарија тоа не е гаранција дека ќе добие државјанство.
Оние жители кои не се родени во Швајцарија, обично мораа да чекаат 12 години пред да аплицираат за државјанство. Од нив се бара и да минат повеќе тестови и да направат интервјуа во државни институции, кои можат да бидат скапи.
Приврзаниците на олеснувањето на процедурата сметаат дека е бесмислено да се бара од луѓето кои се родени и цел живот живееле во Швајцарија да мораат да докажуваат дека се интегрирале.
Противниците сметаат дека овие мерки би можеле да доведат до дополнителни чекори, кои на крај ќе им овозможат на сите кои не се државјани на Швајцарија, а ги има околу 25 отсто, лесно да добијат државјанство.