Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска ја посети Белата куќа, каде што го пречека американскиот претседател Доналд Трамп.
Абе е вториот странски лидер кој доаѓа во официјална посета на Доналд Трамп, по британската премиерка Тереза Меј.
Трамп лично го пречека Абе по неговото доаѓање во Белата куќа и двајцата лидери имаа состанок во Овалната соба, за да потоа одржат заедничка прес конференција.
Јапонските медиуми претходно објавија дека Абе планира во текот на состанокот да предложи иницијатива за сеопфатна економска соработка со која би биле отворени стотици илјади работни места во САД.
Како што е наведено, во нацрт предлогот се повикува и на воведување на брзи возови на североистокот на САД и во Тексас и Калифорнија, а двете земји исто така заедно би развивале и технологија за вештачка интелегенција, роботика, интернет и вселенска технологија.
Постои и можност за соработка во изградба на тек за природен гас во Азија, со што би се зголемило нивото на извозот на американскиот гас.
Според медиумите, целта на иницијативата е отворање на неколку стотици илјади работни места, со вложување на јапонската влада и приватниот сектор од околу 150 милијарди долари во американската инфраструктура во наредните десет години.
Абе неоадамна изјави дека јапонските компании даваат значаен придонес за американската економија и дека Јапонија има корист од економскиот раст на САД.