Земјите од Западен Балкан упатија писмо до ЕУ за системот за регистрација на патувањата

Од:

Министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан упатија заедничко писмо до ЕУ во кое искажуваат загриженост за воведувањето на системот за електронска регистрација на патувањата во ЕУ, што треба да почне да се спроведува од 2020 година.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на денешната прес-конференција по Министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан што се одржа во Скопје, истакна дека земјите од регионот не смеат да дозволат да упатат порака до граѓаните дека после долго очекување на слободни патувања во Шенген, се воведуваат нови бариери, макар тоа било и преку електронско регистрирање на граѓаните при патување во ЕУ.

– Од нашите граѓани тоа би можело да биде доживеано како воведување на визи. Се разбира тоа е одлука на ЕУ, ЕК и нејзините земји-членки, но наш став е дека по секоја цена мораме да најдеме начин, третманот кои го заслужуваат Македонија и нашите соседи како земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, не може во никој случај да биде третманот кој е резервиран од САД кон некои европски земји или од ЕУ кон азиски и африкански земји, кои во ниту еден случај не целат кон членство и во тој контекст ги додавме и нашите предлози кои се надеваме дека ќе бидат сериозно разгледани, рече Попоски.

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, кој присуствуваше на состанокот, рече дека одлуката е веќе донесена, дека ќе се спроведува во 2020 година за сите земји што имаат безвизен режим надвор од ЕУ.

– Значи ова не е мерка што се однесува конкретно само на балканските држави, туку се однесува на сите држави што имаат безвизен режим со ЕУ. Еднаш во пет години за пет евра ќе треба да се регистрирате во овој систем. Тоа мислам дека можете да си го дозволите, рече тој посочувајќи дека тоа не е мерка против земјите туку резултат на новите безбедносни потреби.

Информирајќи за разговорите на министерскиот состанок, Попоски потенцираше дека следната година ќе биде 15 години од Самитот во Солун каде земјите од Западен Балкан добија гаранција дека ќе станат дел од ЕУ, и оти веројатно за сите земји од регионот клучно прашање ќе биде каква ќе биде иднината на ЕУ, но исто така колку извесна и колку брза ќе биде поединечната иднина на земјите во ЕУ.

– На денешната сесија со министрите за надворешни работи разговаравме околу извесноста за воспоставување на временска рамка за да не бидеме во ситуација во која имаме Акциски план за членство во ЕУ без рокови, а сите се согласивме дека акциски план без рокови не е акциски план, рече македонскиот министер за надворешни работи.

На средбата е донесен и заклучок за формирање неформален систем за водење на регионална координација, на шестмесечна основа во која неформално би се состанувале министрите за надворешни работи и би работеле на веќе воспоставен систем под германска координација по проект финансиран од ГИЗ.

– Да не зависиме од тоа дали некој друг ќе реши да се состанеме, туку тоа да го правиме во координација со шесте земји во Балканот. Воедно ќе покажеме и поголемо ниво на одговорност за тоа дека иднината на регионот во најголема мерка зависи од нас. Верувам дека ова е знак дека и во тешки времиња, со големи разидувања, со голем број прашалници за развојот и иднината на европската интеграција, покажуваме иницијативност и свесни сме дека многу работи зависат од самите нас, истакна Попоски.

Би можело да ве интересира

„Тешка“ средба меѓу дипломатите на ЕУ и Иран за нуклеарната програма пред враќањето на Трамп

Грузија ги прекина преговорите со Европската унија

А1он

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп