Лекарите и здравствените работници утре најавија протестен марш од фонтата во градски парк до владата каде што треба да се појават во 12:05 часот. Во протестот ќе учествуваат сите лекари и здравствени работници од целата земја, а повикани се да се придружат и сите поединци, граѓански здруженија, асоцијации и организации кои го поддржуваат штрајкот и лекарите.
На денешниот получасовен штрајк пред Министерството за здрваство беше повторено дека амбулантите продолжуваат со работа како досега и дека не можат да работат по замислите на Државниот санитарен инспекторат.
„Амбулантите работат по правилата предвидени за работа во услови на штрајк, не по нечиви лични замисли“, рече Дејан Ставриќ, од ССКЦ.
На штрајкот му се приклучи и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од пред министерството за здравство, директорот на Хелсиншки, Уранија Пировска го повика министерот за здравство да има повеќе слух и неговото однесување го оцени како нелигитимно.
„Постапувањето на министерот го сметам за тотално нелегитимно иако сите мерки кои се преземаат се затскриени зад така наречени законски решенија. Од тие причини сметам дека сето ова што се случува претставува уште еден напор на државата да ја спречи слободата на изразување, што претставува феномен во последните месеци во Македонија. Најостро реагирам и го повикувам министерот итно да преземе мерки законски да ги реши состојбите во здравствената заштита“, рече Пировска.
Лекарите уште еднаш предупредија дека власта преку нивните медиуми сака со манипулации и конструирани приказни да наметне слика дека тие не работат и дека се однесуваат сурово кон пацинетите, со цел да ја изгубат поддршката од јавноста и на тој начин да може со сила да го укине штрајкот.