Канадскиот тенисер Денис Шаповалов е казнет со 7.000 долари, бидејќи на меч од Дејвис купот во рамките на Светската група со топче го удри судијата на стол Арно Габас.
Во петтиот меч од дуелот меѓу Канада и Велика Британија при резултат 2-2 Британецот Кајл Едмонд водеше со 2:0 во сетови, во четвртиот гем од третиот сет (6:3 и 6:4 и 1:2). Шаповалов по еден аут, во знак на незадоволство со топче силно во главата (во пределот на окото) го погоди главниот судија.
– Тоа беше недолично однесување од моја страна. Се чувствувам ужасно што го изневерив мојот тим, мојата земја. Ова е последен пат да направам вакво нешто, изјави 17-годишниот Шаповалов.
Канадскиот тенисер беше дисквалификуван од мечот и го загуби со што и Канада загуби од Велика Британија.
На судијата Габас му беше извршен преглед во болница во Отава, неговото око не е повредено, но сепак ќе мора да оди на уште прегледи кога ќе се врати во Франција.