Издишан Путин

Од:

Радио Ехото на Москва – Москва

Во својот поетски опус Едгар Алан По ја има и песната Гавран. Во неа овој класик на книжевниот хорор опишува „Еднаш среде полноќ една, покрај стари книги седнат, дури водев в соба бледна со тајната ука спор, дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука, зачув некој како чука на портата однадвор.
„Некој гостин” – реков, – чука однадвор!”
Тоа сал и ниту збор.”.

А потоа: „В собата штом дојдов назад, сетив: морници ме лазат,
зачув некој како чука пак со удар тап и спор.
Па си реков: „дај, ќе идам до прозорецот, да видам,
треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!-
Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор”-
Вон сал ветер развигор.” (Преводот на македонски е од Гане Тодоровски).

Накусо, авторот самиот се убедил дека тоа е само удар од ветерот кој ја отворил неговата врата и „ништо повеќе”. А понатаму? Понатаму прочитајте сами.

Туку да преминеме на темата. Русија има само тројца луѓе надарени за надворешна политика. Го има Путин кој раководи со таа политика, го има Лавров кој ја спроведува таа политика и ја има Захарова која на народот надмено му објаснува дека таа политика треба исправно и патриотски да се разбере.

И сето тоа би било како што може само да се посака, ако не ни се случеше ете уште и тој малер: Кинезите ненадејно на својата граница со Русија распоредија интерконтинентални балистички ракети. Какви ракети? Па така, прилично сериозни, со максимален дострел до 14.000 километри.

А реакцијата од Русија? Ја слушнавме од Песков. Цитат прв: „Разместувањето на кинеските балистички ракети недалеку од руско-кинеската граница, Русија не го смета за закана”. Секако, тука веднаш се наметнува и едно едноставно прашање: А зошто Русија тоа „не го смета за закана”? Тоа Песков не се ни обиде да ни го објасни. Но ќе признаете, сепак тоа е доста чудно, бидејќи до вчера тие ракети не беа, а денес тие се разместени на самата граница со нашиот сосед.

Друг негов цитат гласи вака: „Се што се случува на планот на растот на вооружените сили на Кина, т.е. какви било дејствија и активности во сферата на развојот на воено-индустриските потенцијали на Кина, ние не го доживуваме како закана по безбедноста на нашата земја”. Чекајте, чекајте, па како тоа? Зарем ние „кои било дејствија” на вооружените сили на некоја земја, а уште повеќе ако е во прашање наш сосед „не го доживуваме како закана” по нашата безбедност? Освен тоа, Песков ги извртува фактите. Зарем преместувањето на ракетите од едно место на друго, т.е. разместување на интерконтинентален балистички арсенал од некоја кинеска четврт на границата со нашата земја, може да се нарече раст и развој на воено-индустриски потенцијал?

А понатаму Песков испалува реченица која треба да го смири немирното стадо на наивни пред екраните на телевизорите. „Пекинг е наш сојузник, наш политички и економски партнер”. Т.е., оваа негова реченица треба да биде гаранција на тоа дека кинеските ракети туку така на шега уредно се распоредени долж границата со Русија.

Меѓутоа, меѓу наивците на кои Песков им ја приреди оваа вербална лакрдија, постојат и такви кои знаат многу повеќе, а по нешто и памтат. Тие се сеќаваат „на големото пријателство на СССР и Хитлеровата Германија, честитките на господинот Хитлер по повод државниот празник, на целиот советски народ” и радосното потсетување на тоа дека СССР и Германија се сојузници и стратешки партнери.

И ние точно знаеме како понатаму ќе се одвиваат работите. Телевизијата ќе ни раскаже дека тие ракети можат само да ни користат, дека „развојот на кинеската воена индустрија” не е исто што и заканата која ја претставува НАТО и дека кинеските ракети на нашите граници ни од блиску не се таа опасност поради која на пример, е одземен Крим. А потоа политиколозите од Кремељ ќе ни објаснат дека тие ракети всушност се закана за Трамп, а не за нас. И на крај ќе се јави Захарова и ќе каже нешто шеговито и смешно на сметка на глупавите либерали, кои ете не веруваат во нашиот кинески пријател.

Да, целиот тој циркуз нас допрва не чека. За сега имаме само кинески ракети кои долж нашата граница заканувачки гледаат од грмушките на нашиот сосед, немо вознемирено стадо кое чувствува дека сепак нешто не е во ред и како во песната на Едгар Алан По, исплашениот шепот на Кремљ: тоа не се ракети, „Вон сал ветер развигор”.
А го имаме и Путин кој некако целиот се издиша.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Блиска средба: Ф-16 испратен да пресретне руски Су-35 на Алјаска

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски

Русија за атентатот на шефот на Хезболах: Уште едно политичко убиство

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми