Со положување цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ и пред неговиот споменик на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се одбележа 145-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија премиерот Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, министерот за финансии Кирил Миновски и министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, делегација на Кабинетот на Претседателот на Македонија, делегација на Собранието на Република Македонија во состав Драган Данев, Петар Атанасов и Владанка Авировиќ, скопскиот градоначалник Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.
Цвеќиња положија и претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и делегации на повеќе здруженија на граѓани, општини и установи.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.