Советот на јавните обвинители на Република Македонија информира дека постапувајќи по претставка доставена до него, а во врска со предметот КО.бр.25/15 на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје, познат во јавноста како „Пуч”, на 27-ми овој месец до Кривичниот суд и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, поднел барање за доставување на списите по наведениот предмет.
– Јавниот обвинител на ова Јавно обвинителство надвор од главна расправа се откажал од гонењето на сите обвинети лица наведени во обвинителниот акт КО.бр.25/15 од 30.04.2015 година, се наведува во соопштението од Советот на јавни обвинители.
Оттаму посочуваат дека во членот 7, став 3 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е наведено дека „Јавниот обвинител ќе биде професионално одговорен за стручните и законските дејствија при неговата работа пред Советот на јавните обвинители”.
– Заради разјаснување и согледување на преземените дејствија од страна на јавниот обвинител, истиот е должен да ги достави бараните списи до Советот на јавните обвинители во најраток можен рок, се наведува во денешното соопштение од Советот.