Националната галерија на Македонија соопшти дека годинава ќе понуди квалитетна програма од областа на визуелните уметности – ликовната, издавачката дејност, истражувачки и едукативни проекти, меѓународната билатерална и мултилатерална соработка.
Од Националната галерија на Македонија посочија дека програмата ќе ги исполни очекувањата на љубителите на уметноста и целокупната публика, различните таргетни групи, посетители, ќе даде исклучителен придонес во образовниот процес.
Меѓу позначајните проекти ги најавуваат ретроспективните изложби на македонските автори, доајенот на македонската модерна уметност Никола Мартиноски, потоа Борко Лазески, Петар Мазев и македонската авторка која долг низ години живее и твори во Париз, Евгенија Демниевска.
Од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, годинава ќе бидат реализирани три проекти: самостојна изложба на Љубомир Ивановиќ-Љуба, Иван Мештровиќ: Литографии и тематската изложба „Урбаниот предел како тематски предизвик (урбан предел-слика-документ)“, дела од повеќе автори во сопственост на Националната галерија на Македонија.
Ќе има значајни индивидуални и групни претставувања како: „Теорија: постконцептуални цртежи, 2015/2016“- самостојна изложба на Зоран Попоски, „Фотографијата во Македонија до Првата светска војна“, истражување и изложба – Душан Мандиќ (претставник на групата IRWIN) „Die Welt ist Schon“, изложба на Јасмина Цибиќ – една од позначајните словенечки уметници со европско реноме, потоа изложба на Дритон Селмани во соработка со Националната галерија на Косово, самостојна изложба на академскиот сликар Бурхан Ахмети, самостојна изложба на Бен Камили, Берлин – Германија, графики на Евгениј Пантев, изложба на Мухамедали Алили, Џезаир Реџепи, Нина Бале, Шќипе Мехмети, Хељидон Ѓерг, фотографии на Богдановска/Велиу и други проекти.
Во текот на 2017 година ќе се спроведат подготвителни истражувачки проекти: подготовки за ретроспективни изложби на Танас Луловски, Драган Поповски – Дада и Костадин Танчев – Динка. Kако еден од најзначајните настани кој почнува годинава, а ќе се реализира догодина во рамки на одбележување на јубилејот-70 години Национална галерија на Македонија е изложба на светски познатиот Анри Сала.
Oд Националната галерија на Македонија посочија дека едукативната програма за 2017 година опфаќа и неколку веќе востановени, јубилејни младински изложби како: „Х младински пролетен салон“, Годишна изложба на основни училишта од Скопје која годинава ќе биде во знак на Петар Мазев и многу други.
Од меѓународната соработка за 2017 година ја издвојуваат патувачката изложба „Есенција на егзистенција“ која ќе се реализира во Националната галерија во Приштина и изложбата на Теута Хоџа Имери во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД.
Посебно место издвојуваат за инвестициските зафати кои со поддршка на Министерството за култура ќе ги почнат и преземат, како што се реконструкција на објектот Мала станица, реконструкција на објектот Чифте амам, конзервација и реставрација на паркот на скулптури – Даут пашин амам, внатрешни техничко – безбедносни зафати, конзервацијата и реставрацијата на збирките кои се дел од движното културно наследство на Спомен куќата на Лазар Личеноски.
Од Националната галерија на Македонија информираат дека наскоро ќе имаат детална најава на годишната програма со утврдена динамика на настаните и активностите.