Бугарскиот претседател Румен Радев денеска распиша вонредни парламентарни избори, што ќе бидат одржани на 26 март и одреди до тогаш функцијата премиер да ја извршува поранешниот претседател на бугарското собрание Огњан Герџиков.
Радев ќе го распушти парламентот в петок, на 27 јануари.
Герџиков (70), кој во моментов е професор по право и претседател на еден арбитражен суд, беше претседател на бугарското собрание од 2001 до 2005 година.
Во соопштението од претседателскиот кабинет е наведено дека Радев го одредил 26 март како ден за одржување на изборите, додека со друг декрет го поставил Герџиков како вршител на должноста премиер.
Радев, кој стапи на функција овој месец, мораше да распише предвремени парламентарни избори, бидејќи Владата поднесе оставка откако нивниот претседателски кандидат изгуби на изборите.