Македонија против Норвешка за пласман во четвртфиналето на Мундијалот

Од:

Машката ракометна репрезентација на Македонија против Норвешка ќе се обиде да го постигне најголемиот успех кога во прашање е настапот на црвено-жолтите на Светските првенства.

Попладнево во Албервил, Македонија и Норвешка ќе ја отворат осминафиналната рунда на Мундијалот во Франција.

Досега Македонија и Норвешка имаат одиграно вкупно четири натпревари од кои три официјални. Во последниот минатата година на Европското првенство средбата заврши без победник 31-31.

Единствената победа Македонија во дуелите со Норвешка ја оствари во квалификациите за ЕП 2009 кога на домашен терен црвено-жолтите славеа со 30-29, а на гости загубија со 36-30. Норвежаните имаат уште една победа и тоа на пријателски меч на „Бринг купот“ одигран во 2011 година кога не совладаа со 33-29.

Капитенот Кирил Лазаров верува дека доколку се повтори играта од последните два натпревари, особено дуелот против Шпанија, тогаш нашата селекција има реални шанси да оствари победа.

– Норвешка не е наивен противник. Напротив. Минатата година на Европското првенство покажаа дека се селекција во подем, а истото го потврдуваат и овде на Мундијалот. Сепак, верувам дека доколку одиграме како на натпреварите со Исланд и особено Шпанија, кадарни сме да ја победиме Норвешка. Едно, знам. Ќе го дадеме максимумот и последниот атом на сила, бидејќи поправен испит нема, изјави Лазаров.

Предводени на клупата од Кристијан Берге, a на теренот од Сандер Сагосен кого многумина го споредуваат во Лука Карабатиќ, Норвежаните се комбинација на тим од младост и искуство, налик на репрезентацијата на Македонија.

Селекторот Лино Червар за денешниот меч не ќе може да смета на Дејан Манасков за кој поради повреда шампионатот е завршен, а прашање е колку ќе може да помогне и ветеранот Филип Миркуловски кој исто така заработи повреда на бутниот мускул на мечот со Исланд.

Натпреварот Македонија – Норвешка ќе се игра во терминот од 16 часот, а е прв од четирите средби од осминафиналето кои ќе се играат денеска на Мундијалот.

Би можело да ве интересира

Полска и Шведска домаќини на СП во ракомет во 2023

Ана Ололовска

Македонската ракометна репрезентација со пораз од Белорусија го заврши настапот на СП

Ана Ололовска

Лазаров: Го допревме дното

Ана Ололовска

Македонските ракометари денеска против Словенија ја отвораат главната фаза на СП

Ана Ололовска

Македонските ракометари поразени од Шведска на стартот на Светското првенство

Жарко Настоски

Мојсоски ги храбри ракометарите пред првиот натпревар во Египет: Горди сме на вас!

Жарко Настоски