Во Центарот за култура во Охрид синоќа премиерно беше прикажан документарниот филм „Танц со пастрмките“ на охридскиот нуркачки инструктор Милутин Секулоски – Миќо.
Станува збор за ексклузивен видео-материјал, сценариски обработен да го прикаже животот и мрестот на ендемичниот вид охридска пастрмка, како и да се укаже и на опасноста од нејзино исчезнување поради неконтролнираниот излов изминатите неколку децении.
Секулоски пред проекцијата појасни дека за потребите на филмот се користени извадоци од обемен видео-материјал од педесеттина часа снимки реализирани во преку стотина нуркања.
– Се нуркаше на длабочина од два до 15 метри, а некогаш и до 40 метри, во зимските месеци кога е мрестот на пастрмката, како и во ноќни услови. Имавме доста проблеми за време на снимањето, бидејќи поради планктонот снимањето и фотографирањето под вода е исклучително тешко. Така од 30-40 минути снимен материјал колку што правевме за време на едно нуркање едвај минута можевме да искористиме за потребите на филмот, истакна тој.
Секулоски притоа забележа дека во текот на изминатите пет години кога се правени снимките под вода, се наметнува како заклучок дека охридската пастрмка за жал ја има се помалку во езерото.
– Благодарение на вештачкиот мрест рибниот фонд на пастрмката полека се обновува, но мислам дека не е доволно само тоа. Можеби треба да се прогласи мораториум од 10 – 15 години за да се врати онаа популација што ја имавме пред петнаесеттина години, изјави Секулоски.
По проекцијата на филмот во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена и изложба на подводни фотографии од продажен карактер, а собраните средства ќе се донираат за помош на социјално загрозени граѓани на Охрид.