Длабоко верувам дека процесот на менување граници е завршен, порача албанскиот претседател Бујар Нишани во разговорот за Ал Џезира.
– Покренувањето какви било расправи за ова прашање е многу опасно. Историјата на овој полуостров, Балкански Полуостров, е проблематичен. Таа е обележана со бројни судири и војни кои на ниту еден народ не му донеле ништо добро. Отворањето дискусии за нови граници би довело до многу опасни ситуации во одделни земји од регионов. Цврсто верувам дека тие времиња се минато и дека мораме да ги почитуваме постојните граници во регионот. Постоењето на можноста за слободно движење на луѓето и добрата претставува вистинска слобода, истакна Нишани.
Зборувајќи за концептите на големи држави и посебно за проектот „Голема Албанија“, Нишани рече дека тоа е идеа која одредени политичари ја користеле за да ги оправдаат своите политички одлуки и дела.
– Но, фала му на Господа, овие идеи со текот на времето, низ историјата се отфрлани. Денес секоја држава и нација на овој полуостров се слободни, истакна албанскиот претседател.
– Мораме взаемно да се почитуваме, мораме едни на други да си ги уважуваме правата, мораме да ја почитуваме туѓата култура. Мораме да создадеме атмосфера на меѓусебна доверба и добро разбирање. Нема место за станување поголема, или помала држава. Постои само место и простор за соработка и заеднички живот. Тоа е идејата во која веруваме ние Албанците. Процесот на европските интеграции е најважниот фактор кој обединува, па дури и за земјите на Балканот, истакна шефот на албанската држава.
Осврнувајќи се на прославата на 100 години независност на Албанија, Нишани рече дека тоа е најважниот момент во историјата на земјата. – Но фокусирани сме само на иднината. Длабоко веруваме дека Албанија и другите земји можат да успеат само ако се свртат кон иднината и заедно работат за неа. Да се определиме да тргнеме по патот кој ќе не зближи сите нас, мислам на сите балкански држави, пат кој ќе ни донесе можност за развој во поглед на демократијата, функционирање на институциите и економски просперитет, рече Нишани во интервјуто за Ал Џезира.