Компанијата за снабдување со топлина „Балкан енерџи“ соопшти дека испораката на топлинска енергија преку централниот вреловоден систем се одвива нормално, без сериозни дефекти и оти снабдувањето на потрошувачите е согласно потребните дневни дијаграми на испорака.
Апелираат до потрошувачите да внимаваат на своите внатрешни инсталации и да ги одржуваат во состојба која ќе спречи мрзнење на инсталацијата и грејните тела.
– Препорачуваме да не се исклучуваат делови од грејната инсталација и радијатори во простории кои се изложени на негативни температури, наведе денеска во соопштение БЕГ.
Во изминатиот период на екстремно ниски температури после кој следеше период на затоплување, укажува компанијата, забележани се случаи на дефекти на внатрешната инсталација пред се кај некои деловни потрошувачи и индивидуални куќи.
– Причините за тоа се несоодветно третирање на внатрешната инсталација од која во периодот на екстремно ниски темератури била подложна на мрзнење, бидејќи дел од инсталацијата во одредени простории била исклучена од централниот систем на греење од страна на потрошувачите и истовремено просториите каде е сместена инсталацијата и радијаторите биле изложени на негативни температури. Екипите на Дистрибиција со топлина Балкан енерџи интервенираа и времено ги исклучија од мрежа овие потрошувачи кои интервенираат на остранување на дефектите, се вели во соопштението.
БЕГ истакнува дека нивни екипи во засилен состав се постојано на терен за брзо детектирање и решавање евентуални дефекти во системот.
За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на тел: (02) 3076 200.