На патниот правец Маврово-Дебар поради обилни врнежи од снег, од 19 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила. Забрана за камиони од 17:45 часот има и на патниот правец Кичево – Охрид на планискиот превој Пресека, соопшти ЈП Македонијапат.
Сообраќајот на останатите патишта низ Македонија се одвива тековно во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од снег.
Во клисурите и усеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
ЈП Македонијапат информира дека дежурни екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни, а до возачите апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.