Дојче веле – Бон
Единствениот воз кој секојдневно поминува 600 километри меѓу Мадрид и Хуелве е премногу скап. А станицата е помала отколку во некои села на патот до Хуелве. Два перона, четири колосеци. А притоа Хуелве е главен град на истоимената покраина на крајниот југозапад на Шпанија. Но, малку нешта преостанаа од поранешната благосостојба на андалузискиот пристанишен град во мочуришниот крај меѓу Рио Одиело и Рио Тинто.
Овој пристанишен град добил име од мултинационалната рударска компанија Рио Тинто. Нејзините британски работници во 1889 година го основале првиот фудбалски клуб во Шпанија: Рекреативо Хуелва, кој се бори да не испадне во четвртата лига. На другата страна на Рио Тинто се наоѓаат „фабрики” – втора најголема петрохемиска фабрика во Шпанија. Порано таа била стопански мотор на овој регион, денес повеќе не е.
Образовение да, но не и работа
„Ако никого не познаваш во фабриките, тогаш нема да добиеш ни работа” – вели 20-годишниот Кевин Родригез. Не му помагаат ни бројните молби за работа на кои не добил ни одговори. Би сакал да се пресели, да си ја проба среќата во Велика Британија, вели тој, но за тоа нема пари. Како Родригез, шест од десет лица помлади од 25 години во Андалузија се без работа. Стапката на невработеност во покраината Хуелве изнесува 30 отсто.
Кога Рамон Диаз по завршувањето на училиштето отишол да студира во Севиља, сметал дека веќе била на повидок неговата кариера: тој требал да стане градежен инженер. Неговиот татко бил градежен работник и секогаш бил воодушевен од таа бранша. Освен тоа, тоа било образовение кое гарантирало сигурна работа. Од тоа поаѓал и самиот тој.
„Во текот на студиите архитектите вработуваа студенти директно во погоните” – вели овој 29-годишен млад човек. Но, тој сепак не успеал да најде работа по струката. Преку лето работи како келнер во еден бар на плажа, а освен тоа во моментов се преквалификува за наставник.
Преку летото…
Во февруари 2014 година премиерот на Шпанија Мариано Рахој официјално прогласи дека економската криза е завршена. Во 2015 година Шпанија забележа стопански раст од 3,2 отсто, најголем во Европа. За 2016 година ОБСЕ смета на сличен процент. Се намалува и стапката на невработеност, но критични гласови се прашуваат за квалитетот на работните места и се плашат дека на младите ќе им преостанат само најлошите.
„Актуелниот раст го должиме на златната ера на туризмот, за која можеме да се заблагодариме на геополитичката нестабилност на другите средоземни земји” – вели Виктор Релоба, заменик претседател на Советот на шпанската младина, организација која ги застапува интересите на младите луѓе. Посебно во регионите, во кои (како в о Хуелве) се повлекува индустријата, тоа помага на луѓето помлади од 30 години да го пребродат летото, но не отвара никакви долгорочни перспективи.
Привремена работа наместо постојано вработување
Хозе Васкез неколку летни сезони работел во една продавница за градежна опрема. И се уште еднаш или два пати месечно го викаат да им помогне на неколку часа. Но, тоа не е ништо на што може да се смета. И се е полошо и полошо, вели Васкез: „Во продавницата работат се помалку и помалку луѓе. Порано на телефон се јавуваа четири девојки, а сега само една. Мене и на уште неколкумина други кои порано беа вработени таму, сега не повикуваат само тогаш кога очекуваат многу муштерии”.
Рамон Диаз, несуден инженер и неговиот сосед Хесус Кордеро добиле работа во една локална фирма која произведува оптички кабли. Понудата за работа целела на луѓе како нив: апсолвенти со техничко занимање. И затоа мислеле дека се работи за тешка работа, но тоа се покажало како заблуда: „Едноставно само провлекувавме кабел низ подземни цевки” – вели Кордеро. „Тоа е во ред, но зошто за тоа им требаат универзитетски апсолвенти?”.
Според наводите на Советот за млади, над 50 отсто Шпанци помлади од 26 години се преквалификувани за работи кои моментално ги вршат. Исто како и 25 годишниот Хуан Карлос Аларкон од Мадрид. Студирал политички науки, има мастер во политичка комуникација. По долго барање на интернет, по весниците и јавните огласи, конечно еден пријател му помогнал да најде работа. Сега работи како шеф во едно училишно кафуле. Работи два часа дневно и заработува 250 евра месечно. Но, Аларкон сеедно е среќен, бидејќи за него најлоша работа кај невработеноста е непостоење на цврста дневна структура: „Хаосот ти го уништува животот”.
Релоба од Советот на шпанската младина знае колку невработеноста го ограничува квалитетот на животот: „Не може повеќе да се одлучува за сопствениот живот, а фрустрациите ја оштетуваат психата и самодовербата”.
Диаз верува дека компаниите го искористуваат очајот кај луѓето: „Немам проблеми со тоа да работам, за каква било работа”. Проблемот не му се парите, преку летото, како што вели, работел како келнер за 4 евра на час. Но условите за работа во некои фирми се навистина лоши, понекогаш дури и опасни за вработените, смета тој: „Да се работи за кикирики е ОК, но не вреди да се ризикува животот за тоа”.
Бурни времиња
Економската несигурност на младите има далекусежни последици: само 20 отсто Шпанци помлади од 30 години се независни од своите родители. А тоа, вели социологот Релоба, доведува до тоа подоцна да основаат семејства и да имаат деца. И тоа е проблем за пензиските фондови. Посебно што и владата зема пари од тој буџет за да финансира некои други работи. Во Брисел мадридската влада веќе соопшти дека пензиите во Шпанија се сигурни само до крајот на 2017 година.
Се уште постои решение, тврди Релоба, но времето истекува: „Мораме да инвестираме во истражување и развој и во сектори со висока додадена вредност”. Тој смета дека само така може да се задржат младите таленти и да им се понуди атрактивна перспектива. „Но, тоа мора брзо да се случи, за да не изгубиме една цела генерација”.