Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, изјави денеска дека очекува да стане Косовски премиер и дека наскоро ќе разговара за тоа со сегашниот претседател на косовската влада Хашим Тачи.
Харадинај, кој минатата недела беше ослободен во Хаг од тужбите за воени злосторства и убиства на цивили во 1998. година, рече во соопштението за Ројтерс дека наредните денови ќе почне разговори со косовскиот премиер за приклучување во владата на неговата Алијанса за иднината на Косово.
“Мојата цел е да преземам водечка одговорност за земјата, да ја преземам одговорноста во управувањето и можноста да се обидам да ја променам состојбата во земјата”, изјави Харадинај за британска агенција.
Харадинај рече дека е подготвен во дијалогот меѓу Белград и Приштина, да се состане со премиерот на Србија, Ивица Дачиќ.
“Ќе ја преземам одговорноста за управување со земјата. Од тој ден ќе ги преземам сите обврски кои и припаѓаат на извршната власт”, рече Харадинај за Ројтерс.
Неименуван официјален претставник од владејачката Демократска партија на Тачи, потврди за британската агенција дека партијата размислува за “партнерство” со Харадинај за да обезбеди поддршка за нестабилното мнозинство во парламентот.
Косовските медиуми се повеќе шпекулираат дека Тачи ќе му го предаде премиерското место за да стане претседател, што во главно е церемонијална функција, која, сепак,би му овозможила да ја зацврсти поддршката.
Британската агенција наведува дека во партијата на Тачи има внатрешни недоразбирања и дека таа и порано, кога гласале за предлозите на Владата, се свртувале кон поддршка на Алијансата за иднината на Косово, која има 12 пратеници во парламентот од вкупно 120 членови.
Изборите би требало да се одржат кон крајот на 2014 година, а аналитичарите оценуваат дека не е сигурно дека коалицијата може да опстане до тогаш, наведува Ројтерс.