„Во време на дебати за мандатот на идната Влада, ДОМ апелира на одговорност од страна на сите политички субјекти и фокус кон решавање на суштинските проблеми на Македонија. На граѓаните им треба функционална демократска држава и услови за здрав живот.
Тоа значи дека треба да се почне со исполнување на препораките за реформи од Прибе, со обезбедување независни и професионални институции, пристап до правдата и правна разрешница на откриените случаи на корупција и злоупотреба на службената должност. Тоа е предуслов за излегување од политичката криза и враќање во процесот на евроатлантски интеграции. Ова е истовремено и предуслов за враќање на довербата меѓу граѓаните и топење на ѕидовите од поделби.
По отворањето на прашањето за политичкото уредување, ДОМ останува на концептот од нашиот Устав за унитарна граѓанска држава со вграден мултикултурен образец со Бадинтерово гласање и други мерки, преку кој се гарантираат правата на сите заедници и се спречува мајоризација.
Паралелно со процесите на демократизација на Македонија, треба да се создадат услови за хумано живеење во здрава животна средина. Во таа смисла ДОМ на овие избори влезе со пет зелени приоритети: пакет закони и мерки во урбанизмот (со закони за градски архитект и за зеленило); заштита на животната средина (почва, води, воздух, биодиверзитет); зелена економија и зелени работни места (сончева енергија, енергетска ефикасност, нула-отпад, еко-туризам, еко-земјоделство); децентрализација и рамномерен регионален развој (со буџетските средства, јакнење на подрачните единици на министерствата и дескопјанизација); родова рамноправност, еднакви можности и недискриминација (промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи, доработка на законот за антидискриминација, ратификација на Истамбулската конвенција за домашно насилство и др.)“, се вели во соопштението на ДОМ.