Промоција на документарното видео за 20-годишнината од првиот настап на Меѓународниот студентски симфониски оркестар на ФМУ – Скопје, ќе се одржи денеска во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
На 6 декември 2016 година се навршија 20 години од првиот настап на Меѓународниот студентски симфониски оркестар при Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во следните две години, 1997 и 1998, овој оркестар имаше уште два настапа, а планиран беше и четврти, во април 1999 година, кој се откажа заради почетокот на воените дејствија на НАТО во соседна Република Србија. Активностите на овој оркестар беа стожер на една многу интензивна дејност на образовен, интерпретациски, научен и воопшто културен план, која се одвиваше во Факултетот за музичка уметност и која даде многу значаен печат на целокупната македонска музичка култура во последните години од 20 век.
Значењето на овој период се распростира до денес бидејќи студентите што учествуваа во овие проекти се водечки личности во македонската музичка култура, заземајќи клучни позиции во оркестрите, образовните и културните институции. Повеќето од нив стекнаа меѓународна афирмација и ја поставија македонската музичка култура на највисоко интернационално ниво во нејзината досегашна историја.
По овој повод проф. д-р Димитрије Бужаровски кој беше декан на Факултетот за музичка уметност во периодот на создавањето и опстојувањето на овој оркестар, 1995–1999, заедно со вонреден проф. д-р Трена Јорданоска, изготвија документарно видео во кое низ неговите сеќавања и богатиот документарен материјал може да се проследат активностите на овој оркестар.