Четири години се навршуваат денеска од „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, кога, според бројните оценки, започна „крајот на демократијата“ во земјава. Пратениците од СДСМ и новинарите тогаш брутално и насилно беа исфрлени од собраниската сала.
Опозициските пратеници се обидуваа со со непрекинато зборување и создавање неред, да го одложат гласањето на Буџетот за 2013 година, тврдејќи дека целосно е нарушена процедурата за негово носење, најпрвин во собраниските комисии каде што не беа поминати огромен број амандмани што тие ги поднесоа.
Собраниското обезбедување влезе во галеријата каде што беа сместени новинарите и ги „замолија“ да ја напуштат „од безбедносни причини“. Некои од новинарите излегоа доброволно, а некои беа исфрлени со сила. Паралелно со тоа, во собраниската сала влегоа голем број лица од собраниското обезбедување, но и полицајци во цивилна облека и насила ги исфрлија пратениците на опозицијата. Некои пратеници беа и повредени.
Тепањето и исфрлањето на колегите од опозицијата, немо го набљудуваа нивните колеги од власта, а во салата беа и министрите за внатрешни работи и финансии.
Утрото на 24 декември пред Собранието се собраа неколку илјади граѓани за да им дадат поддршка на пратениците од опозицијата и на медиумите. Наспроти нив беа донесени и контра-протестанти, а меѓу нив беа до заби опремени полициските сили.
Уставниот суд по претставка на ЗНМ, одлучи дека со исфрлањето на новинарите не е повреден член 16 од Уставот кој гарантира дека цензурата е забранета, а се гарантира пристапот до информации.
Без судска разврска остануваат случувањата од денот кога пратениците беа прегазени на своите работни места од полициските кордони на власта, а новинарите беа отстранети од собраниската сала од своите работни места.