Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев денеска испрати телеграми со сочувство до германскиот канцелар Ангела Меркел, осудувајќи го терористичкиот акт во Берлин.
– Со длабока вознемиреност, загриженост и жалење ја примив веста за грозоморниот терористички напад во Вашата земја, во кој животот го загубија повеќе германски граѓани и во кој поголем број граѓани се повредени. Во овие тешки моменти на шокираност и национална жалост, дозволете ми од мое лично име, од името на македонските граѓани и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство Вам и на членовите на семејствата на жртвите, да испратам желби за побрзо заздравување на повредените, и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин, наведува Димитриев во телеграмата.
Шокантната вест за овој терористички чин, како што посочува, длабоко ги вознемири македонските граѓани. – Тероризмот уште еднаш покажа дека не бира ниту место, ниту пак жртви. Овој грозоморен напад во Берлин претставува напад врз мирот и слободата во цела Европа и напад врз европските вредности, вели Димитриев.
Република Македонија, како што посочува, остро спротивставувајќи се на тероризмот активно учествува и ќе продолжи да придонесува во борбата против најголемото зло на денешницата. – Тероризмот може и мора да биде победен со заедничка одлучна и бескомпромисна борба.
Нашите мисли и молитви се со Вас, наведува Димитриев во телеграмата со сочувство.