Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (AZBK) Рамуш Харадинај изјави дека е подготвен да соработува со сегашниот косовски премиер Хашим Тачи и дека единствениот предуслов за соработка е да има можност за работа.
– Не сме разговарале за деталите, но јас сум подготвен да соработувам со г-дин Тачи – рече Харадинај во заедничкото интервју за РТК, РТВ 21 и Клан Косова, кое го водеа главните уредници на телевизиските станици со национална фреквенција.
– Јас сум запознаен со предизвиците со кои се соочува владата и нејзините внатрешни предизвици, но не може да одиме на нови избори пред да ги подготвиме нашите предлози и пред да ја завршиме изборната реформа – рече тој.
Затегнатите односи на Тачи и Харадинај во текот на изминатата деценија нагло се сменија пред неколку месеци кога AZBK на Харадинај изрази подготвеност да биде дел од коалицијата со Тачи.
Гласањето на 12 пратеници на AZBK во Собранието на Косово во последниве месеци во неколку наврати беше одлучувачко за да поминат владините предлози.
Харадинај уште еднаш изрази поддршка на Владата за разговорите за нормализирање на односите со Србија, истакнувајќи дека тоа е добро и додаде дека грешат сите оние кои мислат дека не се работи за тема од национално значење.
Нивното приближување најдобро го илустрира церемонијата на пречекот на Харадинај на 29 ноември по доаѓањето од Хаг, каде што беше ослободен од тужбите. Церемонијата е одржана под покровителство на косовскиот премиер кој лично го пречека Харадинај на аеродромот во Приштина.