До 15 декември винарите треба да ја исплатат првата рата за откупеното грозје во изминатата сезона. Производителите очекуваат законскиот термин да биде запазен.
– Наближува терминот до кој, според законот, винарите мора да ја исплатат првата рата. Се надеваме дека ќе ги испочитуваат законските одредби и ќе го платат навреме родот произведен со мака и пот. Веќе се почнати активностите во лозовите насади за следната производствена сезона, па неопходни ни се финансиски средства, изјави денеска претседателот на Регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија” Љупчо Аризанов.
Според него, за да ја извршат навреме резидбата, лозарите од Тиквешијата го почнаа кроењето на виновите лози.
– Оние што имаат големи плантажи не можат да го чекаат 14 февруари и верскиот празник „Свети Трифун” кога традиционално, на симболичен начин, стартува закројувањето на лозјата зашто, во тој случај, нема да стигнат навреме да ја извшат резидбата, рече Аризанов.
На лозовите плантажи во Македонија годинава беа собрани околу 180 милиони килограми винско грозје. Дел од нив се пласираа во странство, а дел во домашните преработувачки капацитети.