По долго и тешко боледување почина премиерката на јужната индиска држава Тамил Наду, Џајалалита Џајрам (68), екстравагантна поранешна филмска ѕвезда и обожувана култна личност.
Веста, доцна синоќа, ја соопшти болницата „Аполо“ од престолнината на државата, Ченај, (поранешен Мадрас), пред која со денови дежураа нејзините симпатизери, пренесоа француските медиуми.
„Не напушти нашата сакана индиска Железна лејди, Амма (мајка)“, напиша на Твитер нејзината партија – Ол Индија Ана Дравида Мунетра Казхагам.
На чело на извршната власт во економски развиената држава Тамил Наду, каде има фабрики на „Форд“, „Хјундаи“, „Нисан“ и други компании, сега ќе застане регионалниот министер за финанси О. П. Панирселвам, јавија британските медиуми.
Државата е во жалост по смртта на Џајалалита Џајрам, жената која на чело на извршната власт беше во пет свои мандати.
Постојаните обвиненија за корупција и авторитаризам не ја нарушија нејзината популарност, забележаа француските медиуми.
Под нејзината премиерска палка Тамил Наду се нареди меѓу најпрогресивните држави во Индија.
Во 1997 година, при претрес на нејзиниот имот, полицијата откри 10. 500 сарија – индиска национална носија, 750 чифта обувки и златен колан, тежок 1,5 килограм, украсен со дијаманти.
Џајалалита на два пати беше затворана, потсетуваат француските медиуми.
Останките на Џајалалита, завиткани во индиското знаме, денеска се изложени во една од административните згради во Ченај, каде веќе пристигнуваат нејзините приврзаници, а се очекува да пристигне и индискиот прмеиер Нарендра Моди, кој веќе и одаде почит на Интернет.
Поради страв од нереди во регионот се распоредени полициски сили.
Култот кон личноста на Џајалалита Џајрам е толку силен што во минатото локалните жители се самоосакатувале, па дури и го завршувале својот живот, за да и ја демонстрираат својата поддршка.