„Младите во Република Македонија најсилно ги почувствуваа погубните политики на актуелната власт. Според Светска Банка, невработеноста кај младите во нашата држава изнесува повеќе од 53% што не прави неславни рекордери во регионот и во Европа. Загрижувачки е и фактот што голем процент од невработените млади луѓе во државата се невработени повеќе од една година, што дополнително ги намалува шансите за нивно вработување. Како резултат на сето ова, во изминатите неколку години преку 600.000 првенствено млади луѓе ја напуштиле Македонија, а големо мнозинство од младите се изјаснуваат дека сакаат да заминат од државата.
Охрид е рекордер во иселувањето, само во последните 10 години се иселени повеќе од 7.500 луѓе од кои најголем дел се млади.
СДСМ нуди ПЛАН ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.
Преку проектот “Гаранција за млади” секој млад човек ќе добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од 4 месеци по завршување на школувањето, пред стекнувањето статус на невработен.
Ќе ги поддржиме со финансиски средства проектите кои ја зголемуваат свесноста на младите за недостаток од одредени занимања и квалификации и за нивната важност.
Ќе отвориме бизнис центри за вработување на младите. Ќе се врши избор на најдобри бизнис планови на млади лица што ќе добиваат грант од 10.000 евра, како и поддршка во бизнис центар. Во бизнис центрите ќе се добива правна, економска, претприемничка, сметководствена подршка, како и простории со опрема за канцелариско функционирање, со цел да се зголемат можностите за успех и развој на бизнисот на младите.
Во центарот на образованието ќе бидат младите. Обврска на наставниците ќе биде посветено да работат со младите на развивање на нивните таленти, затоа наставниците ќе бидат ослободени од електронските и административни обврски.
Ќе воведеме нов начин на подготовка на младите за запишување во средното и во високото образование. Ќе воведеме посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.
Ќе воведеме нова политика за стипендирање на студентите преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање.
Имаме план заедно со студентите да создадеме неопходни услови за департизација и плурализам во студентското организирање што ќе овозможи суштинско учество на студентите во телата на управување на универзитетите и нивно влијание врз прашањата од нивен интерес.
Имаме план како средношколците да стекнат повеќе вештини и знаења на практичен начин преку вонучилишни активности.
Планираме секоја година да организираме средношколска олимпијада, по теркот на младинските студентски игри.
Ќе формираме патувачки, младински театар, составен од млади и студенти, а финансиран со средства од буџетот.
Ќе стимулираме инвестирање на македонските фирми во младински спортски школи, преку даночно ослободување.
Ова е план, за добар и достоинствен живот во Македонија, за сите.
Придружете ни се, за живот во Македонија! За младите да останат во Македонија“, изјави Секретарот на ОО СДСМ Охрид М-р Александар Кузески.