Откако десет години ја уништуваа домашната економија, носителите од ВМРО-ДПМНЕ, во очи на изборите нудат наводна помош за малите и средни претпријатија. Откако со години го уништуваше и образованието и здравството, денес Никола Тодоров ветува дури 70.000 нови вработувања, рече Оливер Спасовски, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 2.
Сите таканаречени проекти на Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ во овие десет години значеа само уништување на секој сегмент на живеењето, а особено на економијата. Токму поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ денес во Македонија илјадници фирми се со блокирани сметки а уште толку се пред затворање.
Наместо пропаднати проекти, СДСМ преку Планот за живот во Македонија нуди вистинска и суштинска помош за малите и средни претпријатија.
Домашните претпријатија се моторот на целокупната економија и затоа се обврзуваме на државна помош во висина од 140 милиони евра наменети за малите и средни претпријатија.
Најдобрите бизнис идеји ќе ги поддржиме со 10 000 евра неповратни средства, а ќе овозможиме отворање на фирма со основачки капитал од само едно евро.
За да ги поддржиме фирмите во зародиш ќе отвориме старт ап центри каде што новите фирми ќе користат бесплатен простор и бесплатни комунални, правни и сметководствени услуги.
Наместо одмазничко казнување на фирмите, ќе ги преполовиме казните и повторно ќе ги вратиме опомените. Инспекторите ќе пишуваат казни само ако навистина се случиле прекршоци, а не како досега поради одмазда или поради партиска неподобност на сопствениците.
Домашните компании се двигател на економскиот раст и на нив ќе гледаме партнери во градењето повисок животен стандард. Од малите и средни претпријатија сакаме да создадеме респектабилни фирми кои ќе го движат растот на економија.
На 11 декември гласаме за Планот за живот во Македонија и носиме промени, бидејќи секој заслужува да живее, работи и да вработува тука, во Македонија.