Актуелната политичка состојба во Република Македонија во пресрет на одржувањето на предвремените парламентарни избори, како и европските перспективи и интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО биле теми на разговор на денешната средба на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев со Сандра Калниете европратеник и потпретседател на Европската народна партија и со Патрик Волер, секретар за надворешни односи на ЕПП.
Како што соопшти владината прес-служба, потенцирајќи ја потребата од организирање и одржување на фер и демократски избори, двете страни ја истакнаа потребата од одговорно однесување на сите политички партии во текот на изборната кампања и периодот по завршување на изборите, преку демонстрирање на позитивен пристап во насока на градење на доверба во целокупниот изборен процес и почитување на демократските вредности.
Премиерот Димитриев истакнувајќи ја фокусираноста на Владата за одржување фер, демократски и кредибилни избори, како што се наведува, информираше за активностите што Владата ги презема во целокупниот изборен процес, за функционирањето на државните институции во овој период и за очекувањата дека после изборите, политичката Влада во Република Македонија со полн капацитет ќе продолжи да ја движи државата по патот на реформите, проектите и решавањето на реалните проблеми на граѓаните.
– Двајцата соговорници се согласија дека одржувањето фер и кредибилни избори и почитувањето на изборните резултати претставуваат единствениот начин за излез на државата од политичката криза и продолжување на конкретните реформски процеси во сите различни области во општеството, при што премиерот Димитриев истакна дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, претставува врвен стратешки приоритет на Република Македонија и дека добивањето датум за преговори со ЕУ и полноправното членство во НАТО ќе придонесат за целосна интеграција на државата и дополнителен просперитет и развој на Република Македонија, се посочува во соопштението.