Секторот за енергетска ефикасност при Министерството за економија денеска ќе ја заокружи кампањата ЕКОС – Развој на енергетски конкурентно и одржливо стопанство, со промоција на резултатите од примената на мерки за енерегетска ефикасност во малите и средните претпријатија во Македонија.
Целта на кампањата ЕКОС е практично да укаже на големиот потенцијал за штедење енергија во мали и средни претпријатија (МСП) и да поттикне помасовно интересирање за можностите.
– Статистиката укажува дека потрошувачката на енергија особено кај производните МСП има голем удел во вкупните трошоци на ниво на претпријатие кои го намалуваат профитот и влијаат на конкурентноста на производот или услугата. Преку домаќинско раководење со потрошувачката на енергија во фирмите може да се оптимизира потрошувачката на енергија, а со тоа да се намали загадувањето на животната средина и да се помогне во намалување на последиците од климатските промени, наведува Секторот за енергетска ефикасност при Министерството за економија.
Кампањата ЕКОС се реализираше паралелно со повеќе слични активности во насока на постигнување на целите зацртани во стратешките документи наменети за зголемување на енергетска ефикасност во Република Македонија.