40-на пензионери бараат разрешување на Драги Аргировски од функцијата претседател.Му забележуваат дека работи само со партијата ВМРО-ДПМНЕ. Еве што е нивниот став и барање:
Господине Аргироски, ние членуваме во Здружение на пензионери на Македонија, кое не е регистрирано како политичка партија. Тоа што го направи, не почитувајќи ги законските и статутарните одредби со твојата лична определба за да многу често соработуваш со една политичка партија, односно со ВМРО дпмне и работиш во нејзин и твој личен интерес не поттикна да покренеме барање за твое разрешување од местото кое не го заслужуваш.
На овој начин ги охрабруваме и повикуваме и очекуваме дека тоа ќе го направат и другите пензионери од останатите здруженија од сите подрачни единици.
До
Претседателот на Собранието
на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија
Бул. Кочо Рацин број 14, Скопје
Б А Р А Њ Е
За разрешување на Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија од група на пензионери од Скопје.
Основ на барањето:Злоупотреба на службената должност и овластување од страна на Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Согласност членот 4 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Р Македонија бр. 52 од 16.05.2010 година) пензионерите на Македонија се организирани во здруженија на пензионерите на територијален принцип и тоа по општини, за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и Закон.
За остварување на овие цели пензионерите во Македонија се организираат во здруженија на пензионерите од одредено подрачје, а се основаат со донесување на Статут на здружението на пензионерите, како основен акт, а се стекнуваат со својства на правно лице со уписот во Централниот регистер на Р. Македонија.
Здруженијата на пензионери во Македонија како што е познато можат да се здружат во повисоки форми. Здруженијата на пензионерите од Македонија се здружени во Сојуз на здруженијата на пензионерите на Македонија (понатаму СЗПМ).
Понатаму, согласно членовите 10, 12 и 13, здруженијата и сојузите на пензионерите на Македонија се независни во управувањето, непрофитабилни и непартиски здруженија. Работата на истите е јавна и транспарентна. Во членот 13 од Законот изрично е пропишано дека организациите не може да вршат активности на политичка партија и да влијаат на изборите и да учествуваат во изборна кампања за одредена политичка партија.
Со членот 10 од Статутот на Сојузот исто така е одредено дека Сојузот е невладина, непартиска и мултиетничка асоцијација на пензионерите-членки на сојузот.
Меѓутоа, и покрај овие децидни одлуки од Законот за здруженија и фондации и од Статутот на СЗПМ, Претседателот на Сојузот, кој едновремено е и Претседател на Извршниот одбор на Собранието, не ги почитува овие законски и статутарни одредби и често соработува со една политичка партија, односно со ВМРО ДПМНЕ и работи во нејзин интерес.
Тоа е очигледно од јавните настапи на телевизија и на други јавни места со лидерот и со други функционери на оваа партија.
Да, на ден 11 ноември 2016 година, изврши крајна злоупотреба на службената положба и овластување како претседател на Сојузот на пензионерите на Македонија, со тоа што потпиша спогодба – меморандум за соработкаи агитација со лидерот на ВМРО ДПМНЕ во предизборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 година.
Со ваквите постапки и дејанија, Претседателот на СЗПМ ги прекрши законските одредби од Законот за здруженија и фондации и одредбите од Статутот на Сојузот, во однос на статусот на Сојузот на пензионерите на Македонија, со што истовремено го наруши дигнитетот и самостојноста на пензионерското организирање во Македонија.
Со ваквите свои постапки и дејанија, Претседателот на СЗПМ го изгуби својот дигнитет и морален кредибилитет и не може и понатаму да го води, односно да раководи со Сојузот.
Поради изложеното ние како пензионери и членови наСојузот на пензионерите на Македонија имаме право да поднесеме барање до Собранието на Сојузот и да побараме од Собранието Претседателот на СЗПМда биде разрешен од функцијата Претседател на Собранието и од функцијата Претседател на Извршниот одбор на Собранието.
Веруваме дека Собранието како највисок орган на Сојузот, ова наше барање ќе го земе како повод и предлог за разгледување на постапките и работата на Претседателот, Драги Аргировски, за негово разрешување од двете функции.
Барањево да биде поставена за разгледување на првата седница на Собранието, закажана за 02. Декември 2016 година.
ПС-Молиме, барањево во целосен текст да биде доставено до членовите на Собранието и Извршниот одбор.