Со примеот на Хрватска во ЕУ заврши еден процес на придружување, по што за зачленување на земјите од Западен Балкан сега се нуди суштински нов модел, кој е изменет како последица на новонастанатите околности во регионот, но и во самата Унија, предизвикани од економската и мигрантската криза, како и Брегзитот, изјави денеска во Белград, генералниот секретар на Советот за регионалната соработка, Горан Свилановиќ.
– Пред да продолжи со проширувањето, Европа првво треба да се дефинира самата себе, изјави Свилановиќ во обраќањето на конфернцијата „(Ре)балканизација на Западниот Балкан“, чии организатори се белградскиот Центар за надворешна политика и Фондацијата „Ханс Зајдел“.
Според Свилановиќ, клучните проблеми во балканскиот регион денес се „несогласувањата околу името на Македонија, нефункционалноста на Босна и Херцеговина и напорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“.
– Спецификите за Србија во преговорите за придружување се опфатени со поглавјето 35, кое се однесува на односите со Косово. Истиот модел ќе се примени и за БиХ кога ќе ги почне преговоирте за членство во ЕУ, со тоа што нејзинот член 35 ќе се однесува на функционалноста на државата, истакна Свилановиќ.
Тој оцени дека во реонот во изминатиов период имало многу политички тензии, но дека во основа тие не влијаеле битно врз економијата.
– Земјите од Западен Балкан треба да го искористат процесот на придружување кон ЕУ за спроведување реформи и за зајакнување на владеењето на правото, што е услов едно општетсво да стане функционална држава, додаде Свилановиќ.
Според него, балканските земји не треба да се оптоваруваат со датуми за членство во ЕУ, туку треба да се посветат на клучните реформски процеси во сопствените општетства и држави.
Осврнувајќи се на идеите за воспоставување царинска унија во балканскиот регион, Свилановиќ нагласи дека Советот за регионална соработка се води од идејата „еден регион, една политика, што ќе значи создавање на единствен инвестициски простор, единствен пазар на трудот и единствен информативен простор“