Кандидатот на екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) за австриски претседател, Норберт Хофер изјави дека во одредени околности би можел да подржи референдум за излез на земјата од ЕУ.
– Референдум би потикнал доколку ЕУ стане повеќе централизирана, по излегувањето на Велика Британија, изјави Хофер за Би-Би-Си.
Тој, сепак, признава дека ЕУ беше многу значајна за Австрија и дека сега е време за една „подобра Европска Унија“.
Улогата на австрискиот претседател во политичкиот систем на државата е ограничена и тој има главно церемонијална функција, но претседателот може да го распушти Парламентот и да распише парламентарни избори.
Во интервјуто Хофер тврди дека никој не би требало да стравува од неговата евентуална победа на победа на претстојниот повторен втор круг од претседателските избори во Австрија.
Тој смета дека муслиманите кои се веќе во земјата претставуваат дел од Австрија, но потенцира дека Исламот „не е дел од австриските вредности“.
– Гласањето за мене не значи гласање за Оегзит, односно за австриско напуштање на ЕУ, вели Хофер.
Тој тврди дека само две работи би можеле да го натераат да се сврти кон Огзит – првата е влегувањето на Турција во ЕУ, а втората е „претворањето на Унијата во држава“.
– Ако како одговор на Брегзит, Унијата се определи за натамошно внатрешно зацврснување на врските меѓу земјите членки, со обезврдеднување на улогата на националните парламенти и со претворање на Брисел во седиште на европска влада, тогаш во Австрија ќе мора да има референдум дали земјата и натаму да остане во една таква ЕУ, озфави Хофер за Би-Би-Си.
Повторениот втор круг од претседателските избори во Австрија ќе се одржи на 4 декември. Вториот круг првично се одржа во мај годинава и на него со тесно мнозинство победи независниот кандидат Александар Ван дер Белен, но Врховниот суд на земјата ги поништи изборите, откако опозицијата се жалеше на бројни неправилнсоти во гласањето по пошта.
Испитувањето на јавното мислење покажува дека сега и двајцата кандидати имаат речиси изедначени шанси за победа.
Доколку победи Хофер, тој ќе биде првиот претседател во земја членка на ЕУ од редовите на екстремната десница.