Доделените средства од Светска банка во износ од 50 милиони долари за поддршка на развојните политики за конкурентност на економијата се уште еден доказ за поддршката на Светска банка за економските политики кои ги води Владата на Република Македонија, истакнуваат од Министерството за финансии.
– Светска банка продолжува да биде еден од најзначајните економски партнери на Република Македонија. Одобрените 50 милиони долари со целосна поддршка на Бордот на Светска банка се показател дека Македонија води квалитетни економски политки и оваа поддршка ќе помогне во значителна мера да се ублажат последиците од европската економска криза, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Со овие средства ќе се финансираат повеќе клучни активности поделени во четири области: развој на производството со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрување на ефикасноста на трговската логистика и воспоставување на флексибилност на пазарот на труд преку развој на вештини и иновација. Реализацијата на проектите финансирани со овие средства ќе придонесе за подобрување на јавните програми кои го поддржуваат развојот на приватниот сектор, а со тоа ќе ја зголеми и ефикасноста на јавната потрошувачка.
Република Македонија, како што стои во соопштението, успешно ги исполни сите услови кои беа поставени за да се добијат овие средства. Тие беа презентирани пред Бордот на Извршни директори на Светска банка вчера во Вашингтон, по што беа одобрени 50 милиони долари. Меѓу побитните услови кои Владата ги исполни за да проектот биде презентиран пред Бордот на Светска банка се воведувавњето на едношалтерски услуги за издавање на одобренија за градба во технолошко-индустриските зони, усвојувањето на Стратегија за промоција на извозот со акционен план за поддршка на извозниците, воспоставување на електронски систем за управување со државното земјоделско земјиште, како и усвојување на повеќегодишна Национална стратегија за развој на земјоделството и руралниот развој 2013-2017.
Средствата ќе и бидат доделени на Република Македонија со каматна стапка шестмесечен Еурибор, кој во моментот изнесува 0,62 проценти, со рок на отплата од 18 години и вклучен грејс период од 5 години. Средствата ќе бидат достапни за користење откако Собранието на Република Македонија ќе го усвои законот за користење на овие средства и ќе се потпише договор со Светска банка, односно до крајот на годината.
– Успешната соработка со Светска банка ќе продолжи и понатаму преку инвестициски проекти во инфраструктурата и други проекти, се наведува во соопштението.