Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската банка, и тоа веќе неколку години по ред. Во Извештајот за следната година, Република Македонија се наоѓа на 23-та позиција меѓу 185 земји и е највисоко рангирана во однос на која било транзициска економија од Југоисточна Европа. Во однос на условите за основање бизнис, Македонија е на петтата позиција, истакна премиерот Никола Груевски обраќајќи се пред голем број стопанственици на бизнис форумот во Хјустон.
Иако мојата земја е мала, додаде тој, таа е меѓу најголемите поборници за вредностите на кои почива американското општество. – Одличните политички односи меѓу САД и Република Македонија сведочат за заедничките стратегиски интереси и цели. Тие го трасираа патот за брзото зајакнување на економската соработка, посебно во доменот на странските инвестиции и отворија нова епоха во нашите билатерални економски односи. Познавајќи ги економските потенцијали на САД, уверен сум дека постојат огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка, истакна премиерот Никола Груевски и ги покани американските бизнисмени од Хјустон да ја посетат Република Македонија и да се уверат во нејзините потенцијали.
Заблагодарувајќи се на организаторите за одличното гостопримство, како и на американските бизнисмени за одвоеното скапоцено време, рече дека посетата на Хјустон, центарот на енергетската индустрија, биомедицинските истражувања и аеронаутиката, доаѓа во времиња кога американската економија заздравува од последната рецесија. – Според најновите проекции на Федералните резерви, најтешките години се веќе зад вас и следува период на умерен економски растеж од околу 3 отсто. Вашата земја уште еднаш му покажа на светот дека е неприкосновен економски лидер, благодарение на силата, упорноста и иновативниот дух на американскиот претприемач. Дел од таа иновативност е и способноста да се препознаат профитните можности на странските пазари, истакна премиерот пред бизнисмените во Хјустон.
Претставувајќи ги инвестициските можности на Македонија, рече дека според извештајот за „Плаќањето даноци“ во 2013 година на реномираната „Прајсворхаус Куперс“, земјата е рангирана на 24. позиција на најпријателски настроени земји во однос на даночниот товар и даночниот третман на бизнисите. Исто така, рече премиерот Груевски, пред неколку дена „Форбс“ објави дека Република Македонија е второрангирана во Југоисточна Европа во однос на квалитетот на деловното окружување, по Словенија, но многу позиции пред Бугарија и Романија.
– И покрај кревкиот економски растеж на европскиот континент и генералниот пад на странските инвестиции, во последниве две години им посакавме добредојде на инвестициите на „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекселмајер“, „Виндтек Интернешенел“, „Протек Групацијата“ и многу други компании. Во моментов, многу сериозен интерес за инвестирање изразија компании од САД, Кина, Индија и Катар, што за нас е силна потврда дека сме на вистинскиот пат, на патот на економскиот просперитет, нагласи Груевски.
Според него, овие успеси не се случајни, туку плод на длабоките и суштински реформи што ги спроведе Владата на Република Македонија во изминатите шест години.
Преку потпишување договори за слободна трговија со Европската унија, земјите-членки на ЕФТА, ЦЕФТА, билатерални договори со Турција и Украина, успеавме, рече македонскиот премиер, да го надминеме проблемот на мал пазар и сега оние кои инвестираат во Република Македонија практично имаат пристап до пазар со над 660 милиони потрошувачи.
Македонската економија во континуитет се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1 отсто во изминатите петнаесет години. Владата на Република Македонија, посочи премиерот Груевски, веќе подолг период води среднорочна политика на низок буџетски дефицит од 2,5 отсто од бруто домашниот производ, што резултираше во низок владин долг од само 30 проценти од бруто домашниот производ на крајот на септември 2012 година. – Република Македонија помина без поголеми последици од светската економска криза и беше меѓу првите земји, кои минатата година ги вратија позитивните стапки на економски растеж, забележувајќи реален пораст на БДП од 3 проценти. По благата, би рекол технички прогласена рецесија во првата половина од оваа година, за многу краток период се враќаат позитивните стапки на економски растеж, силно поттикнат од подобреното деловно окружување и значајниот прилив на странски капитал во Република Македонија, истакна Груевски.
Тој посочи дека Македонија ги препознава главните бариери за водење бизнис и пристапи кон намалување на даночното оптоварување и темелни административни и регулаторни реформи и укажа на фактот дека е воведена единствена стапка од само 10 проценти на персоналниот данок на доход и данокот на добивка.
– Би сакал да нагласам уште еднаш: рамен данок од само 10 проценти, почнувајќи од 2008 година! Исто така, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка и етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Драстично го намаливме административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, а во неколку фази беше спроведен и проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои многу позитивно влијаат на бизнис климата во Република Македонија, рече претседателот на македонската Влада.
Воедно, најави отворање на уште три технолошко-индустриски развојни зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје. – Тие нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, Владата на Република Македонија дава субвенција за уредување на земјиштето, кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување, рече Груевски, притоа изразувајќи задоволство од бизнис форумот во Хјустон, чија цел е да се продлабочи економската соработка меѓу САД и Република Македонија.
– Хјустон, втората дестинација на нашето бизнис роуд-шоу пред поголема група компании во Америка, во рамки на мисијата што ја имам за охрабрување инвеститори да дојдат во Македонија, помина мошне успешно, изјави премиерот Груевски по форумот.
И вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски смета дека презентација во Хјустон, еден од најразвиените градови во Америка каде што се компании од областа на енергетиката и финансиите, поминала успешно. Со дел од бизнисмените, како што најави, имаат закажано директни средби по форумот.
– Сметаме дека е важно да ја слушнат приказната за Македонија бидејќи, иако е мала држава, сепак, со условите што ги нуди за водење бизнис, е една од најконкурентните во Европа и во светот во овој момент. Ова што имаме да го кажеме и да го презентираме претставува квалитетна понуда која долгорочно ќе донесе дополнителни инвестиции од Америка во Македонија, истакна вицепремиерот Пешевски.
Следна дестинација за презентација на можностите за инвестирање во Македонија на владината делегација во САД, по Детроит и Хјустон, е Лос Анџелес.