Претседателот на САД Барак Обама издал наредба за ликвидирање на лидерите на терористичката група Џебхат Фатх ал Шам (поранешна Џебхат ал Нусра) на територијата на Сирија, објави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на претставници на американската администрација.
Весникот наведува дека претходно Белата куќа ја игнорирала групата, но сега е насочена кон уништување на нејзиното раководство.
Претставник на Белата куќа наведе дека одлуката се должи на стравувањето на Обама дека дел од сириската територија, контролирана од Џебхат Фатх ал Шам, може да стане база за подготовување и извршување на терористички акти во Јужна Европа.
„Вашингтон пост“ потенцира дека наредбата на Здружениот штаб на началниците на армијата на САД покажува дека антитерористичката операција е приоритет за Вашингтон во Сирија, а не притисокот врз сирискиот претседател Башар ал Асад да поднесе оставка.
Весникот истакнува дека извршување на претседателската наредба почнала на почетокот од октомври и досега се ликвидирани четворица лидери на Џебхат Фатх ал Шам.
Во исто време американското Министерство за финансии воведе санкции за четворица лидери на Џебхат Фатх ал Шам поради терористичка дејност и поддршка на тероиристички групи. Целта била финансиско, но и воено уништување на групата.