Високиот претставник на меѓународната заедница на Босна и Херцеговина, Валетин Инцко денеска ќе го поднесе 50. извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата и работата на Советот за спроведување на мирот во БиХ, во кој предупредува дека „ентитетите немаат право да се отцепуваат од БиХ“, како и дека територијалниот суверенитет и интегритет на БИХ и уставниот поредок на ентитетите се загарантирани со Дејтонскиот договор.
Инцко, кој на позицијата висок претставник на меѓународната заедница во БиХ е од 2009 година, во извештајот за периодот од 16 април до 21 октомври 2016 година, констатира дека клучен предизвик бил референдумот за Денот на Република Српска, кој го организирале властите на ентитетот, спротивставувајќи се на одлуките на Уставниот суд на БиХ.
– Со одржувањето на референдумот и покрај директната забрана на Уставниот суд, властите на РС извршиле активности, кои покажуваат дека тие не ги зеле предвид одлуките пропишани со државните закони, туку дека тие се применуваат тогаш кога на властите на РС тоа им одговара, смета Инцко.
Високиот претставник поднесе посебен извештај до ОН за референдумот и одлуките, кои можат да го загрозат спроведувањето на законите.
Во посебен извештај за референдумот за Денот на РС, Инцко потсетува дека владеењето на правото е основа на Дејтонскиот мировен договор.
– Доколку не се спречи моменталното дејствување на властите на РС, ќе се зголеми ризикот БиХ да се движи кон распаѓање и правна анархија, што би можело да има бројни последици за меѓународниот мир и безбедност. Поради тоа должност ми е да заклучам дека РС ефективно го напушти правосудниот систем на државата БиХ и со тоа фундаментално го отфрли суверенитетот на БиХ, нагласи Инцко.
– Поради овие дела во прашање е доведена одржливоста на спроведување на цивилните аспкети на Општата рамковна спогодба за мир и тие претставуваат директна закана за меѓународниот мир и стабилност, додава тој.
Во извештајот за состојбата во БиХ, Инцко констатира и дека локалните избори покажале дека во „наелектризираното политичко опкружување, по се изгледа главни победици се партиите, кои во својата реторика го користат прашањето на национализмот, пред практичните прашања“.
Според Инцко политичката ситуација во БиХ „тргнала во надолна линија“.
– Додека државата се бори да преземе чекори да патот кон европските интеграции, речиси секој чекор напред плати висока политичка цена и резултираше со несогласување, најчесто по етничко прашање, се вели во извештајот.