На Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ (BookStar), кој го организира издавачката куќа „Антолог“, вечер ќе гостува романската писателка Дојна Рушти и ќе биде промовиран нејзиниот роман „Елиза на единаесет години“ преведен на македонски јазик.
Преводот, кој „Антолог“ го објави со поддршка на Романскиот културен институт од Букурешт, ќе го промовира писателот и литературен критичар Ермис Лафазановски. Романот е добитник на наградата „Јон Креанга“ на Романската академија во 2009 година и во моментов според него се снима филм.
Дојна Рушти (1957) е една од најпознатите писателки од Романија, која своите дела почнала да ги објавува по падот на комунизмот. Авторка е на осум книги и на голем број раскази, вклучени во разни антологии. Авторката е преведена на десет јазици.