Црногорската опозиција ќе ја бојкотира конститутивната седница на Собранието в понеделник, но и сите следни заседанија, се додека не се утврдат околностите за апсењето на групата државјани на Србија кои Обвинителството во Подгорица ги товари за криминално здружување и планирање терористички напад на денот на изборите.
Опозицијата демантира дека од претседателот на државата ќе бараат мандат за составување влада, со оглед на освоените 39 од вкупно 81 пратеничко место, јави Ал Џезира Балкан.
Црногорската опозиција тврди дека на малцинските партии не им биле понудени сите места во владата, туку формирање заеднички кабинет што би работел до организирањето вонредни избори.
Миодраг Лекиќ од коалицијата Клуч тврди дека неговата групација нема шанси да ја поддржи Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ.
– Немаме право да дадеме легитимитет на изборниот резултат на денот на државниот удар, таканаречен или реален. Додека не се соопштат сите факти и не се заокружи целата приказна и додека не дознаеме кој стои зад сето тоа, нема да има стабилност во политичкиот, па ниту во парламентарниот живот, истакна Лекиќ.
На изборите оддржани на 16 октомври најмногу мандати (36) освои Демократската партија на социјалистите која предложи мандатор и почна преговори со Социјалдемократите и малцинските партии, чии шест мандати ќе им се потребни за формирање власт. Опозицијата не ги признава резултатите.